• недела, 24 ноември 2024

Арсовска: Бесплатен јавен превоз и отворена општина која ќе ги слуша граѓаните

Арсовска: Бесплатен јавен превоз и отворена општина која ќе ги слуша граѓаните
Скопје, 11 октомври 2021 (МИА) - Бесплатен јавен превоз и отворена општина која ќе ги слуша предлозите и барањата на граѓаните, вети независната кандидатка за градоначалник на Град Скопје, Данела Арсовска на вечерашниот митинг во Карпош. - Нема повеќе да има празни ветувања, нема да има ветено – неостварено. Вратите секогаш ќе бидат отворени за граѓаните и нема да постојат ситуации во кои ќе треба со месеци да штрајкуваат и да протестираат по улиците за да кажат дека нешто не сакаат, рече Арсовска, додавајќи дека граѓаните имаат право да одлучуваат каква иднина сакаат и оти нивниот глас мора да биде слушнат од градоначалниците. Генералниот урбанистички план, според Арсовска, е документот со којшто ќе се трасира иднината на градот за следните 10 години. - Тој се носи во 2022 година, односно следната година и ќе биде на сила до 2032 година. Ние заедно со овој документ ќе ја исцртаме иднината не само на вашето маало, туку и на целиот град, нагласи Арсовска. Укажа дека не треба да се дозволи повеќе да има неасфалтирани патишта, граѓаните да немаат вода за пиење и да нема фекална и атмосферска канализација. Посочи дека сега никој не ги слуша граѓаните и не гледа што им е потребно на населбите и општините. - Доста беше од бирократија и „не сум надлежен". Има луѓе кои знаат, чесни се и професионални, рече Арсовска. бак/бк/

Остани поврзан