• четврток, 26 декември 2024

Арсенал најави сериозни кратења, навивачите го критикуваат клубот

Арсенал најави сериозни кратења, навивачите го критикуваат клубот
Лондон, 5 август 2020 (МИА) - Арсенал најави дека ќе отпушти 55 вработени поради финансиските последици од кризата со коронавирус. Пред само неколку дена, „топџиите“ го освоија рекордниот 14-ти Куп на Фудбалската асоцијација по победата од 2:1 над Челси во финалето, што му обезбеди на тимот учество во Лигата на Европа следната сезона и солидни дополнителни приходи, но клупските газди сепак прибегнуваат до екстремни мерки за справување со кризата. - Приходите од телевизиски права, домашни мечеви и комерцијални активности драматично се намалија и ова ќе продолжи да се одразува и во следната сезона 2020/21 година. Направивме сè што можеме за да ги намалиме трошоците, вклучително и доброволно намалување на платите, но сега е неизбежно да ги намалиме нашите трошоци понатаму за да се осигураме дека работиме на одржлив и одговорен начин. Ние правиме предлози за отпуштања со тешко срце и ги разгледавме сите други опции пред да дојдеме тука, објави лондонскиот клуб. Веста доведе до лута реакција од навивачите на Арсенал на социјалните медиуми, при што приврзаниците ги посочија огромните плати што ги добиваат играчите, а во исто време вработени ги губат работните места. Најчесто се споменува Месут Озил, кој заработува 350.000 фунти неделно, но нема играно од почетокот на годината поради конфликт со менаџерот Микел Артета. Покрај тоа, раководството на Арсенал се обидува да го убеди топ-стрелецот на тимот, Пјер-Емерик Обамејанг да потпише нов договор и да остане во тимот, нудејќи му 300 илјади фунти неделно. Фановите исто така забележуваат дека богатството на сопственикот на клубот Стен Кронке се зголеми за 300 милиони американски долари од почетокот на годинава, и покрај пандемијата КОВИД-19.

Тагови

Остани поврзан