• среда, 18 декември 2024

Армијата ќе добие девет милиони евра во опрема од Европскиот мировен фонд

Армијата ќе добие девет милиони евра во опрема од Европскиот мировен фонд

Скопје, 10 јануари, 2024 (МИА) - Министерката за одбрана, Славјанка Петровска и директорот на словенечката организација за унапредување на човековата безбедност – ИТФ, Томаж Ловренчич денеска потпишаа Меморандум за разбирање за првиот билатерален проект помеѓу земјава и Европскиот мировен фонд. Со тоа почнуваат активностите за реализација на поддршката во опрема за пешадиската баталјонска група на нашата Армија во вредност од девет милиони  евра.

-Овие средства ќе бидат искористени за набавка на логистичка опрема, медицинска опрема, комуникациски-информатички системи, разузнавачки капацитети, инженерска опрема и опрема за изведување обуки, информира Петровска на прес-конференција по потпишувањето на Меморандумот.

Согласно Меморандумот,  при набавката на опремата која ќе ја реализира ИТФ консултиран е Генералштабот на Армијата, а во согласност со потребите на земјава, но и највисоките НАТО стандарди.

Оваа поддршка, како што нагласи Петровска, ја потврдува стратешката цел на државата, односно членството на земјава во Европската Унија. Таа исто така потенцираше дека и Европската Комисија констатираше добро ниво на подготвеност и добар напредок во однос на усогласувањето на земјата со заедничката надворешна и безбедносна политика на Унијата, коешто, како што истакна, беше потврдено и со билатералниот скрининг за ова поглавје.

Европскиот амбасадор, Дејвид Гир, истакна дека со овој проект во рамки на одбранбениот сектор, при Европскиот мировен фонд, Европската Унија посветува девет милиони евра за поддршка на Армијата.

-Сметам дека ова е еден од првите придонеси од страна на Европскиот мировен фонд покрај нашата поддршка на Украина. При унапредување на несмртносната опрема којашто е достапна на листата на пешадиска баталјонска група ќе помогнеме на Армијата да стане поагилна и на тој начин ќе дадеме придонес во зголемување на нејзиното учество во мировните операции во рамките на заедничката и надворешната одбранбена политика, рече Гир.

Додаде дека ова се прави поради тоа што земјава се докажа во нејзината посветеност на заедничките цели со ЕУ и нејзината усогласеност со Европската заедничка безбедносна политика.

Директорот на ИТФ, Томаж Ловренчич, посочи дека со нетрпение се очекува соработката од партнерството со Министерството за одбрана во рамки на имплементацијата на оваа донација согласно планираните активности.

-Активностите веќе започнаа и во последните неколку месеци, следната година и половина ќе го видиме заклучувањето на процесите за набавка и испораката на опремата и сметам дека тоа ќе биде видлив приказ на посветеноста на ЕУ и нејзината политика на пристапување, како и надворешната политика во поглед на зајакнатото партнерство со Северна Македонија, изјави Ловренчич, кој додаде дека овој нов инструмент прв пат е претставен на овој регион и ќе биде пример за да го следат и другите.

На прашањето колку има постигнато Министерството за одбрана во последниот период во врска со ваквите соработки како и пристапната помош од ЕУ во однос на реформите но и воопшто на целата држава и сите институции со оглед на честите критики, Гир одговори дека во редовниот извештај којшто го изработува ЕК објавен во ноември минатата година се истакнува дека има добар напредок во поглед на заедничката безбедносна надворешна политика.

-Сметам дека тоа беше еден од најпозитивните аспекти од извештајот за земјата, што значи дека ние продолжуваме да бидеме посветени во давањето на поддршка на реформите во оваа област. Оваа поддршка којашто денеска ја истакнавме не е еднократна, туку ја гледаме како еден долгорочен однос во поглед на градењето на капацитетите на земјата во рамките на одбраната како клучен партнер во рамките на ЕУ, а се разбира и како НАТО партнер, посочи Гир.

Петровска во однос на ова прашање укажа дека извештајот на ЕК минатата година го нотираше напредокот кој е постигнат во одбранбената политика, односно реформите кои се спроведуваат во Министерството за одбрана и во Армијата генерално.

Таа образложи две важни работи за да биде одбраната на потребното ниво, доброто планирање коешто, како што рече, е направено со долгорочните стратешки планови за развој на одбранбените капацитети на македонската армија и на одбраната, како и стабилното и навремено финансирање.

-Тие се два клучни елементи кои гарантираат дека во годините коишто престојат она што е зацртано како план за модернизација и за поттикнување на капацитетите, а тоа претставува своевидна реформа, дека всушност ќе биде имплементирано, рече Петровска.

Очекува месецов пред Владата да се презентира планот за реформа на системот за управување со кризи – цивилна заштита, додека законот за критична инфраструктура што првпат ќе се носи во државава е во завршна фаза на консултации. Ова, посочи министерката, се само дел од  реформите што се спроведуваат. сх/лв/

Фото: МИА

Остани поврзан