• вторник, 12 ноември 2024

Армани: Не размислувам за времето кога нема да можам да велам „ова - да, ова - не“

Армани: Не размислувам за времето кога нема да можам да велам „ова - да, ова - не“

Пјаченца, 23 октомври 2024 (МИА) - Џорџо Армани е единствениот од италијанските модни великани кој сè уште лично се занимава со своите колекции. Иако во јули наполни 90 години и на негова возраст, обично, луѓето уживаат во времето внуците, правнуците и заслужениот одмор, за „Кралот на модата“ пензионирањето сè уште е „прашање на иднината“.

- Можам да си дадам уште две или три години на чело на мојата компанија. Не повеќе. Тоа би било негативно... Компанијата „Џорџо Армани“ се поистоветува со мене, па моја должност е да се погрижам тоа да продолжи и секогаш да има печат и ќе личи на г-н Армани, изјави тој за „Кориере дела Сера“ (Corriere della Sera).

Сепак, како некој може да го замисли „Армани“ без Армани? Брендот на дизајнерот од Пјаченца се поистоветува со неговото име, личност и ракопис. А, тој пак, сè уште не сака да размислува за времето кога нема да може да каже „ова - да, ова - не“.

Армани не крие дека потенцијалните инвеститори сè почесто и упорно му тропаат на врата. Тој нема деца кои ќе ја наследат неговата модна империја, но сепак, вели, ја испланирал иднината на својата компанија. Станува збор за веќе изградена структура што наследниците треба да ја следат за да го продолжат животот на „Армани“.

Целта е неговата група да остане независна, иако на полето на високата мода и луксузот во мигов доминираат двата француски конгломерати - „Керинг“ и „Луј Витон“... Армани веќе кажа „не“ на предлогот - неговата компанија да биде продадена на Французите.

Тој, имено, ја отфрла можноста - „една од овие гигантски структури без личен лик“ да го купи и доминира неговиот бренд.

Наследници на познатиот Италијанец се очекува да бидат неговата сестра, уште тројца роднини кои работат во неговата компанија, неговиот долгогодишен партнер Панталео дел Орко, како и добротворна компанија.

Дизајнерот денес е трет најбогат Италијанец според Форбс, со лично богатство од 13,1 милијарда долари (околу 12,167 милијарди евра). Тој нема директни наследници, но има тројца внуци. Силвана и Роберта се ќерки на неговиот брат Серхио, а Андреја Камерана е син на сестра му Росана. Андреја е роднински поврзан и со Џовани Ањели - основач на „Фиат“.  си/сд/

Фото: ЕПА

Остани поврзан