• четврток, 26 декември 2024

Аргентинците гласаат на прелиминарни избори за претседател

Аргентинците гласаат на прелиминарни избори за претседател

Буенос Аирес, 13 август 2023 (МИА) - Аргентинците денеска гласаат на прелиминарни избори за да номинираат кандидати за претседателските избори во октомври.

Како што јавуваат локалните медиуми, тоа ќе биде гласање со неизвесен исход за одредување на наследникот на шефот на државата од левиот центар Алберто Фернандез.

Повеќе од 35 милиони гласачи се повикани да ги изберат и партиите што ќе влезат во трката за претседателските избори на 22 октомври - за кои е потребно да добијат 1,5 отсто од гласовите на национално ниво - и нивните кандидати.

На изборите учествуваат 22 кандидати за претседател и потпретседател, а само половина од нив ќе останат во трката вечерва. Актуелниот шеф на државата Фернандез, кој е крајно непопуларен, не се кандидираше повторно.

Во 2019 година, примарниот изборен резултат на Алберто Фернандез – единствениот прелиминарен кандидат од таборот на Перонистите – ја најави неговата победа на претседателските избори над Маурицио Макри.

Заедно со претседателските кандидати, Аргентинците денеска однапред гласаат и за кандидати за Домот на пратеници и Сенатот, чиј состав делумно ќе биде обновен на вистинските избори на 22 октомври.

Аргентина, третата по големина економија во Латинска Америка со голем земјоделски и суровински потенцијал, веќе 12 години е со двоцифрена инфлација (115 отсто годишно), огромен долг кон ММФ и 40 отсто сиромаштија. паг/

Фото: МИА архива

 



 
 
 

Остани поврзан