• среда, 25 декември 2024

Аргентинската влада ја затвори државната агенција Телам

Аргентинската влада ја затвори државната агенција Телам

Буенос Аирес, 2 јули 2024 (МИА) - Аргентинската влада вчера и официјално го соопшти затворањето на државната новинска агенција Телам, што првично го најави во март,  трансформирајќи ја во државна агенција за рекламирање и пропаганда, пренесуваат француските медиуми.

Агенцијата, основана во 1945 година, „ќе престане да функционира како што функционираше од своето основање во активностите за давање новинарски услуги и како информативна агенција“, се наведува во официјалното соопштение, објавено вчера.

Агенцијата отсега ќе ги „фокусира своите активности на новата стратешка насока на компанијата, а тоа е да работи како рекламна и пропагандна агенција“.

Новата „Agenzia de Publicidad del Estado“ (APE) ќе биде одговорна за „дизајнот, производството, маркетингот и дистрибуцијата на национални и/или меѓународни рекламни материјали“, се наведува во соопштението.

„Продолжуваме да се бориме за да ги заштитиме работните места и социјалната улога на јавните медиуми, кои оваа влада има намера да ги уништи“, одговорија од синдикатот на медиумите во Буенос Аирес (SiPreBA) и група вработени во Телам.

На почетокот на март, ултра-либералната влада на претседателот Хавијер Милеј ја суспендираше агенцијата за јавно информирање и го блокираше пристапот до нејзините згради во Буенос Аирес. Претседателот рече дека агенцијата била „користена во последните децении како агенција за пропаганда на кирхнеризмот“, потсетуваат француските медиуми. сд/

 

Остани поврзан