• сабота, 23 ноември 2024

Арапската лига престана да го означува Хезболах како „терористичка организација“

Арапската лига престана да го означува Хезболах како „терористичка организација“

Каиро, 30 јуни 2024 (МИА) - Помошникот генерален секретар на Арапската лига, Хосам Заки, соопшти дека Лигата престанала да го означува Хезболах како „терористичка организација“, пренесува Анадолија.

„Во претходните одлуки на Арапската лига, Хезболах беше означен како терористичка организација, а таа ознака беше одразена во резолуциите, што доведе до прекин на комуникацијата врз основа на тие одлуки. Државите членки на Лигата се согласија дека ознаката на Хезболах како терористичка организација повеќе не треба да се користи“, изјави синоќа Заки за египетскиот канал „Ал-Кахера Њуз“, ден по неговата посета на Бејрут.

Тој рече дека „означувањето на Хезболах како терористичка организација повеќе не се применува“, истакнувајќи дека „Арапската лига не води списоци на терористи и не настојува активно да ги одреди ентитетите на таков начин“.

Арапската лига на 11 март 2016 година го класифицираше Хезболах како „терористичка организација“, со резервации од Либан и Ирак, и повика „да престане да го промовира екстремизмот и секташтво, да се воздржи од мешање во внатрешните работи на земјите и да ускрати каква било поддршка на тероризмот и терористите во регионот.“

Класификацијата беше направена набрзо откако земјите од Советот за соработка на Персискиот Залив го прогласија либанскиот Хезболах за терористичка организација на 2 март 2016 година.

Во петокот, либанскиот дневен весник „Ал-Ахбар“ објави дека Заки го посетил Бејрут и одржал состанок со Мухамед Раад, шеф на блокот Лојалност кон отпорот поврзан со Хезболах. Ова е прв контакт меѓу Арапската лига и Хезболах во повеќе од десет години.

Според соопштението на Арапската лига во петокот, Заки за време на својата посета која започна во вторникот, одржа состаноци со либанските функционери, како и со различни политички и парламентарни лидери кои претставуваат разновиден политички спектар на Либан.

Напнатоста се зголеми долж либанската граница со Израел за време на прекуграничните напади меѓу Хезболах и израелските сили, додека Тел Авив ја продолжува својата смртоносна офанзива во Појасот Газа, во која од 7 октомври минатата година се убиени повеќе од 37.800 луѓе. ссм/

Остани поврзан