• четврток, 26 декември 2024

Арапската лига повика на распоредување мировни сили на ОН во Газа и на Западниот Брег

Арапската лига повика на распоредување мировни сили на ОН во Газа и на Западниот Брег

Манама, 16 мај 2024 (МИА) - Арапската лига денеска повика на распоредување мировна мисија на ОН во Појасот Газа и на Западниот Брег, јави ДПА.

На самитот на 22-члената организација, исто така, се повика на итен прекин на огнот и остро се осуди напредувањето на израелската армија кон јужниот град Рафа, што е преполн со бегалци.

Мора да се преземат неповратни чекори кон решение за две држави во Израел и палестинските територии, се наведува во завршната декларација од самитот.

Годишниот состанок за првпат се одржа во главниот град на Бахреин, Манама.

Саудискиот престолонаследник и де факто владетел на кралството, Мохамед бин Салман Ал Сауд, истакна дека мора да се запре „жестоката агресија“ врз „палестинските браќа“. Според него, неопходно е меѓународната заедница да ја исполни оваа одговорност.

Во својот говор, кралот Хамад бин Иса Ал Калифа од Бахреин повика на меѓународна мировна конференција за Блискиот Исток.

Според генералниот секретар на Арапската лига Ахмед Абдул Геит, дипломат од Египет, самитот се одржа во необични околности. Според него, израелската агресија врз народот на Газа претставува историски пресврт и арапските народи нема да го заборават слепото насилство на израелската окупација.

На самитот присуствуваше и генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, кој повторно ги повика страните во војната во Газа да се согласат на прекин на огнот и го опиша конфликтот како „отворена рана“ која се заканува да го зарази целиот регион.сд/

фото:Скриншот

Остани поврзан