• среда, 13 ноември 2024

Аракчи: Во случај на одмазда нема да го гаѓаме само Израел

Аракчи: Во случај на одмазда нема да го гаѓаме само Израел

Техеран, 2 октомври 2024 (МИА) - Иран утринава соопшти дека го заврши ракетниот напад врз Израел, што е најголемиот досега воен напад врз еврејската држава, но само доколку нема дополнителни провокации.

Израел и САД најавија дека ќе возвратат на Техеран, со што се зголемуваат стравувањата од поширок конфликт.

Иран го опиша вчерашниот напад врз Израел како одбранбен и насочен исклучиво кон неговите воени објекти. Иранската државна новинска агенција објави дека цели на нападот биле три израелски воени бази. Техеран соопшти дека неговиот напад бил одговор на израелските убиства на милитантните водачи и агресијата во Либан против Хезболах и во Газа.

„Нашата акција е завршена доколку израелскиот режим не одлучи дополнително да возврати. Во тоа сценарио, нашиот одговор ќе биде посилен и посилен“, наведе утринава иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи во објава X.

И покрај повиците за прекин на огнот од страна на Обединетите нации, САД и Европската унија, борбите меѓу Израел и Хезболах продолжија и денеска. Израел го обнови своето бомбардирање на јужните предградија на Бејрут, упориште на вооружената група Хезболах, поддржана од Иран, со најмалку десетина воздушни напади насочени кон, како што ги нарече, цели на групата.

Големи колони чад се видливи од делови од предградијата. Израел издаде нови наредби за евакуација на областа, која е главно испразнета по неколкудневните тешки напади. Хезболах соопшти дека се судрил со израелските сили кои влегле во либанскиот град Адајсех рано утринава и ги принудиле да се повлечат. сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан