• четврток, 26 декември 2024

Апелација за в четврток закажа јавна седница за случајот „Титаник 2“

Апелација за в четврток закажа јавна седница за случајот „Титаник 2“

Скопје, 28 март 2023 (МИА) – Апелациониот суд во Скопје за в четврток, на 30 март закажа јавна седница за случајот „Титаник 2“, каде обвинет е и поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков.

-  Апелациониот суд Скопје во интерес на јавноста и медиумите информира дека јавната седница пред судот, по кривичниот предмет КОКЖ-43/23, во јавноста познат како „Титаник 2“, е закажана за ден 30.03.2023 година  во 11 часот и 30 минути, објави Судот.

Седницата на второстепениот суд е на неколку дена пред да застари кривичното дело на Мијалков за „примање награда за противзаконито влијание” на почетокот на април.

На 23 јануари годинава, Основниот кривичен суд ги прогласи за виновни и им изрече вкупна казна од 12 години затвор на обвинетите во повторената постапка за случајот „Титаник 2“, кој се однесува за изборни нерегуларности на локалните избори во 2013 година во Општина Струмица.

Поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, за стореното кривично дело „примање награда за противзаконито влијание“ судот го осуди на казна затвор во траење од две години, во која се пресметува и времето поминато во притвор.

Лидерот на ДПА, Мендух Тачи, за сторено кривично дело „повреда на избирачко право“ судот го осуди на казна затвор од две години.

На поранешните членови на Државната изборна комисија Бедредин Ибраими, Анета Стефановска, Влатко Сајковски и Сашо Срцев, судот за сторено кривично дело „повреда на избирачко право“, им изрече казна затвор од по две години.

Основниот кривичен суд во Скопје на 8 март 2019 година на обвинетите во случајот „Титаник 2“ им изрече вкупно 19 години и осум месеци казна затвор, но Апелациониот суд Скопје во ноември 2019 година, поради суштествени повреди на постапката, ја укина првостепената пресуда и случајот го врати на повторно одлучување. аа/са/

Фото: МИА архива

Остани поврзан