• сабота, 23 ноември 2024

Апасиев: Доста е од гласање за помалото зло, треба да спречиме штетни политики

Апасиев: Доста е од гласање за помалото зло, треба да спречиме штетни политики

Прилеп, 27 април 2024 (МИА) - Резултатот од првиот круг реално беше очекуван, а сега очекуваме над 80.000 гласови и двоцифрен број пратеници за да може во идниот парламент да спречиме многу штетни политики, рече претседателот на партијата Левица на вечерашниот Народен собир во прилепското кино „Мис Стон“.

-Очекуваме во изборната единица 4 да влезат минимум двајца, а може и трет пратеник. Резултатот од првиот круг, реално, беше очекуван, ако споредиме со изминатите парламентарни избори кога имавме 37.000, а сега имаме 42.000 гласови. Очекуваме над 80.000 гласови на парламентарните избори што би донело 8 до 10 пратеници. Во програмата имаме 13 поглавја кои го опфаќаат секој аспект од општественото живеење. Главната порака до граѓаните е да го заокружат бројот 5 на гласачкото ливче и да дозволат млади неподмитливи луѓе да ги застапуваат, бидејќи доста ни е од веќе видени пратеници и од веќе видено гласање за помалото зло. На тој начин ќе спречиме многу штетни политики, рече Апасиев.

Носителот на кандидатската листа на пратеници во четвртата изборна единица Сашко Јанчев рече дека главните негови заложби се насочени во земјоделството и стопанството, заговарајќи договорно, сигурно земјоделско производство и отворање државни профитабилни фирми. Се нудат реални, но радикални мерки зашто без нив нема промени.

-Земјоделството мора да биде планско. Планираме да се пополнуваат стоковите државни резерви строго со домашно производство, со однапред склучени договори за земјоделците да имаат некаква сигурност во производството. Планираме фиксни откупни цени, државни откупни центри за да не можат прекупците да ја местат цената како што ним им одговара, ладилници за складирање на произведената храна од кои ќе се снабдуваат Армијата, градинките, училиштата, болниците. Мерките, генерално ни се насочени кон државна интервенција во земјоделството, а не да биде оставено стихијно. Во стопанството планираме рестартирање или отворање државни профитабилни фирми  во секоја стратешка стопанска гранка, рече Јанчев при претставувањето во Прилеп.ем/вј/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан