• среда, 25 декември 2024

Апасиев: Враќањето на иницијативата за референдум на спикерот Џафери е само купување време

Апасиев: Враќањето на иницијативата за референдум на спикерот Џафери е само купување време
Скопје, 12 октомври 2022 (МИА) - Лидерот на политичката партија Левица Димитар Апасиев изјави дека враќањето на нивната иницијатива за референдум од страна на претседателот на Собранието Талат Џафери е само купување време, но дека тие ќе ја направат корекцијата во дадениот рок и повторно ќе ја поднесат. -Иницијативата не е одбиена. Значи, ова не е ист случај како со претходната иницијатива на ДПМНЕ. Ако правилно го читаме, иницијативата е вратена на корекција, односно спикерот Џафери спротивно, во негов стил силеџиски, како уставен судија, но сега со друга финта ни ја врати да ја усогласиме во рок од 15 дена. Ние впрочем тоа и ќе го направиме, рече вечерва Апасиев во изјава за Сител ТВ. Тој смета дека правното толкување на Џафери кое што е неиздржано е оти заклучокот бил став, а не бил акт и според тоа прашањето не било соодветно поставено. -Имено, тој го занемарува членот 24 од Законот за референдум и други одлуки на непосредно изјаснување на граѓаните каде што вели дека дополнителен референдум каков што ние бараме може да се распише за други прашања за кои одлучувало Собранието. Токму такво прашање, значи не се бара акт туку прашање е заклучокот, односно заклучоците коишто ние ги ставаме на референдум. Оттука, ова враќање на спикерот Џафери е само добивање време, односно купување време, подвлекува Апасиев. Тој го повтори ставот дека доколу Џафери ја отфрли иницијативата откако ќе ја коригираат ќе почнат со целосна блокада на Собранието. -Се надеваме дека нема да се дрзне, бидејќи во спротивно ќе го блокираме целото Собрание затоа што тоа не е негова своина, не е негова сопственост и за ова одбивање ќе добие и соодветен поднесок од мене против него лично бидејќи како физичко лице ми ги објавил моите лични податоци што исто така е кривично дело, вели Апасиев. Претседателот на Собранието Талат Џафери вечерва преку соопштение го објави својот став дека барањето за одржување референдум поднесено од политилката партија Левица не е подготвено во согласност со Собранискиот деловник, а прашањето е несоодветно поставено, и воедно бара во предвидениот рок од 15 дена предлагачот да го усогласи барањето со одредбите од Деловникот на Собранието. Левица на 7 октомври до Собранието поднесе иницијатива за покренување задолжителен и дополнителен референдум на државно ниво на референдумско прашање „Дали сте за продолжување на преговорите со ЕУ со прифаќање на собраниските заклучоци од 16 јули 2022 година?”.  Претседателот на Собранието Џафери на 13 септември ја отфрли иницијативата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за референдум за престанок на важењето на Законот за ратификација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија, образложувајќи дека е противуставна и оти меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон. Од ВМРО-ДПМНЕ тогаш оценија дека иницијативата е во сoгласност со членот 24 од Законот за референдум и порачаа дека Џафери нема основа да ја отфрли, додека од владејачката СДСМ ја поддржаа одлуката на Џафери поради тоа што и тие ја сметаат за неуставна. вг/лв/

Остани поврзан