• недела, 24 ноември 2024

Анѓушев на европски форум за енергија во Атина: Потребни се технички решенија за енергетската криза

Анѓушев на европски форум за енергија во Атина: Потребни се технички решенија за енергетската криза

Скопје, 18 јуни 2023  

Кризата со електричната енергија и целата енергетска транзиција може да се реши со технички решенија, а не со административни, изјави сопственикот на ФЕРОИНВЕСТ и поранешен вицепремиер за економија, проф. д-р Кочо Анѓушев, на Форумот за енергија во Атина, организиран од Енергетската заедница. 

Според Анѓушев, техничките решенија треба да овозможат производството на електрична енергија од обновливи извори да биде организирано така што енергијата ќе биде достапна тогаш кога е барана и кога има потрошувачка за неа. 

Непланското градење електрани од обновливи извори, односно градење само на електрани на сонце, што е појава во регионот, но и низ цела Европа,  нема да може да ја замени електричната енергија од термоелектраните, кои во иднина треба да се напуштаат. 

За да има вистинска енергетска замена, потребни се електрани на сонце, ветер, вода и биогас, како и поставување на големи батериски системи за складирање, за да може електричната енергија од обновливи извори која се произведува само во одредени периоди на денот, правилно да се распореди до потрошувачите во текот 24-те часа, порача Анѓушев пред присутните енергетски чинители од регионот и Европа, вклучително од Енергетската заедница од Виена и од Европската комисија. 

Секоја држава треба стратегиски да ги води изградбите на новите електрани, а на инвеститорите да им го олесни, некаде и законски да го реши, поставувањето на батерии за складирање на вишоците електрична енергија, и во овие делови Анѓушев го гледа придонесот на административните мерки, односно како поддршка на техничките решенија. 

 

Феро Инвест

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан