Антонио Кошта: Одбраната мора да стане приоритет на ЕУ
- Живееме во тешки времиња. Мора да ги зголемиме трошоците за одбрана, изјави Антонио Кошта, идниот претседател на Европскиот совет, во интервју за францускиот весник Монд.
Париз, 29 ноември 2024 (МИА) - Живееме во тешки времиња. Мора да ги зголемиме трошоците за одбрана, изјави Антонио Кошта, идниот претседател на Европскиот совет, во интервју за францускиот весник Монд.
- Генерално, живееме во тешки времиња. Треба да ги зголемиме трошоците за одбрана. Не можеме да ја заборавиме климатската транзиција. Треба да ја зголемиме нашата конкурентност, да го промовираме нашето земјоделство, да ја зајакнеме политиката на кохезија. За да го направиме ова, треба да погледнеме кон сите алатки со кои располагаме, решението е можеби комбинација од сите финансиски инструменти за да ги постигнеме нашите цели, истакна тој.
Кошта исто така посочува дека миграцијата е апсолутен приоритет за европските лидери: „Зборував со дваесет и пет лидери и за секој од нив тоа е апсолутен приоритет. Пактот за миграција и азил беше усвоен по десет години дискусија. Сега земјите-членки мора да го спроведат. Во оваа фаза, пет земји се уште ги немаат поднесено своите национални планови. Во октомври, дваесет и седумте земји побараа од Комисијата да поднесе нацрт-директива за враќање на мигрантите. Време е да продолжиме понатаму, заклучува тој.
Кошта, поранешен премиер на Португалија, ја презема функцијата на 1 декември, а последните два месеца ги минува во подготовки, посетувајќи ги земјите-членки на ЕУ, освен Бугарија и Романија. Планира телефонски разговор со новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп и веќе договорил средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Според него, лидерите на ЕУ бараат поефикасна работа на Советот со повеќе политички дискусии и пократки самити. На 3 февруари 2025 година во Белгија е планирана средба за европската одбрана со учество на лидерите на ЕУ, генералниот секретар на НАТО Марк Руте и британскиот премиер Киер Стармер.
Кошта нагласува дека односите со ЕК ќе бидат приоритет и планира редовна комуникација со Урсула фон дер Лајен. Како клучни приоритети ги истакнува заштитата на европските вредности, мирот и просперитетот.
На прашањето за изборот на Доналд Трамп, Кошта вели дека не треба да се шпекулира, нагласувајќи ја важноста на сојузништвото меѓу САД и Европа. За поддршката на Украина истакна дека ќе продолжи „колку што е потребно и колку што е силно потребно“.
Кошта ги истакнува и предизвиците на миграцијата, напоменувајќи дека е време за имплементација на Пактот за миграција и азил, усвоен по десетгодишни дискусии. ссм/
фото: архива