• среда, 18 декември 2024

Антонио Грујевски добитик на првата награда од конкурсот „Скопје на новата генерација"

Антонио Грујевски добитик на првата награда од конкурсот „Скопје на новата генерација

Скопје, 13 ноември 2023 (МИА) - Антонио Грујевски со неговиот проект „Лотос за неа: Одржлива оаза во градскиот парк во Скопје“ го доби првото место на конкурсот „Скопје на новата генерација", организиран од страна на Јуроп Хаус Скопје. Конкурсот беше отворен за млади архитекти и урбани планери кои имаа задача да придонесат за повторно замислување на урбаното ткиво на Скопје.

Во конкурсот учестуваа 12 тимови на млади архитекти кои дадоа инвоативни и одржливи решенијја за скопските културни знаменитости. Изложбата, составена од проектите од конкурсот, беше отворена денеска во централната Пошта во Скопје, во знак на 60-годишнината од скопскиот земјотрес и четвртиот роденден на Јуроп Хаус Скопје. Изложбата ќе биде отворена за посетители до 16 ноември.

Проектот на Грујевски е за локацијата фонтана „Лотосов лист“ во градскиот парк. Второто место го добија Даниела Василева, Сара Велеска и Сара Трајкова со проектот „Преосмислување на брановите во боја“, на локација кеј „Димитар Влахов“ на реката Вардар, од зградата на МАНУ до бензиската на „Макпетрол“. Третото место пак, го добија авторите Натали Велеска, Ален Цветковски и Дона Митровска со проектот „Спинекс“, за локација улица „Пластичарска“.

Иницијативата има за цел да ги реши проблемите со напуштените и отуѓени јавни површини кои можат да се обноват за новата генерација. Поддршка дадоа катедрите по архитектура од универзитетите Архитектонскиот факултет при УКИМ - Скопје, Меѓународниот балкански универзитет, Универзитетот Американ Колеџ Скопје, како и МИТ Универзитетот.

Добитникот на првото место Антонио Грујовски во своето обраќање вечерва на отворањето на изложбата, посочи оти е благораден на евроамбасадорот кој го препознал ова негово прво индивидуално дело со кое учествувал на натпреварот.

-Целта беше да ја „зачинам“ нашата архитектонска сцена. Морам да забележам дека за еден месец сме во Скопје 2024, а речиси сите политичари и дел од нашите колеги уште зборуваат за Скопје 2014. Светот се движи напред, Европа се движи напред. Имаме предизвици со климатските промени, со енергетската независност и со еко-загадување на кое мора да се фокусираме и да се придружиме кон визиите на Европската Унија, рече Грујовски.

Министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска во обраќањето вечерва посочи дека конкурсот „Скопје на новата генерација“ оди чекор напред и го премостува минатото со аспирациите за иднината. Како што рече, конкурсот ги активира имагинативните умови на младите архитекти да дадат идејни решенија за нашите знаменитости, вклучувајќи ја и Пошта.

-Местото каде се одржува денешниот настан не е случајно избран. Изборот да се стави во центарот на внимание Пошта, која со својата единствена форма и стил стои како симбол на сила и издржливост, е повик за нејзиното повторно раѓање. Го слушнавме нејзиниот глас. Водиме процес во кој очекуваме одговорност и поголема активност од сите. Јасно ја докажаа нашата посветеност да го зачуваме нашето културно наследство додека ја прифаќаме трансформативната моќ на архитектонската визија, рече Костадиновска Стојчевска.

Таа додаде дека овој настан ја потенцира нераскинливата врска меѓу културното наследство и иднината што колективно ја коваме.

-Да го сочуваме споменот на земјотресот и да ги прифатиме неограничените можности, вградени во овие архитектонски креации, порача министерката.

Евроамбасадорот Дејвид Гир потенцираше дека Пошта е најтипичен пример на бруталистичката уметност и на естетика, што го обликуваше архитектонскиот идентитет на пост-земјотресно Скопје.

-Во 2021 година програмата „Европа Ностра“ ја стави централната Пошта во Скопје на листата на седумте најзагрозени локации од културното наследство во Европа. На 26 јули оваа година, точно на 60-годишнината од земјотресот во Скопје, „Европа Ностра“ и Институтот на европската инвестициска банка објавија извештај за Поштата, во кој повикуваат на итна рехабилитација на овој историски објект. Денес Поштата уште нема кров и е оставена на немилосрдниот заб на времето и и се заканува распаѓање и разорнување, рече Гир во обраќањето на изложбата.

Тој повика сите заедно да го кренеме нашиот глас и да бараме овие јавни простори да бидат озобновени, за да можат повторно да служат на заедниците.бт/дма/

Фото/видео: МИА

 

Остани поврзан