• среда, 25 декември 2024

Антиќ се прости од својот голем пријател Драган Василов – Цевка

Антиќ се прости од својот голем пријател Драган Василов – Цевка
Скопје, 20 август 2020 (МИА) – Претседателот на Кошаркарската федерација на Северна Македонија, Перо Антиќ, по повод смртта на Драган василов – Цевка упати сочувство во семејството на познатиот тренер и кошаркарски работник. - Во вакви моменти нема зборови кои ќе донесат утеха и ќе ја намалат болката, но сепак дозволете ми, сакам да упатам најискрено сочувство до семејството на мојот голем „френд“ Драган Василов – Цевка, за огромната загуба на нивниот сопруг, татко, дедо. Во овие моменти на тага кои е тешко да се опишат, сакам да се присетам на сите оние досетки, шеги што еден со друг си ги имавме приредено. Да, понекогаш дури и само споменувањето на неговото име, ми носеше од оние заразни насмевки, типични, негови... Ти беше тој кој од 80 деца ме одбра во групата од 20, и ги кажа магичните зборови ‘извод од матично и две слики’... Ти беше тој што виде нешто во мене, и избра да ме земеш како најмлад во кадетската репрезентација на Македонија, и покрај, според мене, поквалитетни кошаркари.  Да ми го овозможиш, да ми го дадеш тоа чувство како е да се игра на Европско кадетско првенство... Ти беше тој што направи да ја засакам кошарката и да уживам во неа! Таков беше, таков и ќе те паметам... Верувам дека неговото име имаше ваков ефект на сите луѓе кои го познаваа и сигурен сум дека ова е особина која можат да ја изведат само навистина големите луѓе. Мојот, нашиот Цевка беше еден од најпозитивните ликови, вљубеник во кошарката, тренер и креатор на цели генерации млади играчи... Другар, пријател, и семеен човек за пример – едноставно, легенда. Легендите живеат засекогаш. Збогум Батка!“ Твојот Перо. Еден од најпознатите и најтрофејни тренери во делот на млади категории во земјава, Драган Василов, почина вчера на 64-годишна возраст. зс/

Остани поврзан