• четврток, 26 декември 2024

Антитела на коронавирус присутни кај пациенти четири месеци по оздравувањето

Антитела на коронавирус присутни кај пациенти четири месеци по оздравувањето
Рејкјавик, 2 септември 2020 (МИА)Нивото на антитела на новиот коронавирус останало стабилно четири месеци кај повеќе од 90 отсто од пациентите на Исланд кои оздравеле од Ковид-19, а некаде и се зголемило, посочува ново истражување. Претходните испитувања покажаа дека нивото на антитела значително опаѓа за само неколку месеци по закрепнувањето од коронавирусот. Тоа пак, го покрена прашањето за времетраењето на стекнатиот имунитет. Извршниот директор на „Декод генетикс“, Кари Стефансон, кој раководеше со истражувањето смета дека новите откритија може да придонесат за поголема ефикасност и издржливост на вакцините, како и за нови сознанија околу повторното заболување. Од заразените луѓе на Исланд, 56 отсто имале дијагноза потврдена со стандарден лабораториски ПЦР-тест. Кај 14 отсто, болеста не била официјално дијагностицирана, но тие биле ставени во карантин по изложувањето на вирусот. Во преостанатите 30 насто, анализата на антитела покажала дека биле заразени. Според податоците, кај 91 отсто од 1.215 лица чија инфекција била потврдена со ПЦР, нивото на антитела се зголемило во текот на првите два месеци по дијагностицирањето и потоа достигнало највисока точка, која и се задржала. Сепак, се предупредува дека сѐ уште не е јасно дали и колку антителата ги штитат закрепнатите пациенти од нова зараза. си/ссм/

Остани поврзан