• недела, 24 ноември 2024

Антиимигрантската Партија на победата го подржа Киличдароглу во вториот круг од изборите во Турција

Антиимигрантската Партија на победата го подржа Киличдароглу во вториот круг од изборите во Турција

Анкара, 24 мај 2023 (МИА) - Лидерот на турската антиимигрантска Партија на победата денеска му даде поддршка на Кемал Киличдароглу во вториот круг од претседателските избори, што ќе се одржи в недела, каде кандидатот на опозицијата ќе се соочи со претседателот Тајип Ердоган.

Умит Оздаг, лидерот на националистичката Партија на победата, која освои 2,2 отсто од гласовите на парламентарните избори на 14 мај, ги повика приврзаниците да гласаат за Киличдароглу на 28 мај во вториот круг во кој Ердоган сака да ја продолжи својата дведецениска власт.

-Одлучивме да го поддржиме Киличдароглу во вториот круг од претседателските избори, кажа тој на прес-конференција во Анкара, каде што застана до претседателскиот кандидат, лидерот на Републиканската народна партија.

Оваа поддршка може да ја намали предноста што Ердоган ја стекна во понеделникот кога беше поддржан од Синан Оган, националистичкиот кандидат кој во првиот круг од изборите заврши на третото место со освоени 5,2 отсто од гласовите. 

Ердоган на 14 мај освои 49,5 отсто, а Киличдароглу 44,9.

Оздаг денеска додаде дека неговата партија и Киличдароглу постигнале договор за враќање на бегалците во нивните татковини во рок од една година „во согласност со меѓународните закони и човековите права“.

Тој додаде дека имал слични разговори со АКП на Ердоган, но дека одлучил да не ја поддржи бидејќи нејзиниот план не вклучува репатријација на бегалците.

Според официјалните податоци, Турција е земја со најмногу бегалци во светот – дури четири милиони.

-Ердоган намерно пушти 10 милиони бегалци во Турција. Дури и турското државјанство го ставивте на продажба за да увезете гласови, го нападна Киличдароглу својот ривал минатата недела, без да наведе докази.

„Сега од овде објавувам дека кога ќе бидам избран, ќе ги испратам сите бегалци дома, точка“, рече тогаш лидерот на шестпартитната опозициска коалиција. сд/

Остани поврзан