• четврток, 26 декември 2024

Анксиозноста кај младите се зголемува, потребна е доедукација на стручниот кадар во училиштата 

Анксиозноста кај младите се зголемува, потребна е доедукација на стручниот кадар во училиштата 

Скопје, 6 мај 2024 (МИА) - Анксиозноста и депресијата кај младите во државава се во пораст, а недостасуваат капацитети, наставен кадар и институционална волја за да се инвестира во едукацијата на стручните служби задолжени за справување со проблемите на тинејџерите. Суицидните мисли, дополнително, се еден од најалармантните проблеми за кој сѐ уште се чека на меѓусекторска соработка.

Во најновиот извештај на „Ало Бушавко“, што го изготвува Првата детска амбасада „Меѓаши“ и годинава се евидентирани голем број дојави од млади, кои пријавуваат различни проблеми, меѓу кои најчести се менталното здравје и нарушените семејни односи. Алармантно е тоа што за два месеца, десет деца се јавиле и кажале дека размислуваат за самоубиство.

Претседателот и основач на „Меѓаши“, Драги Змијанац, во изјава за МИА вели дека ова е загрижувачки индикатор и мора да се изготви протокол за тоа како да се реагира на овие случаи.

- Тоа нас многу нѐ загрижи, веднаш стапивме во контакт со Комората за психолози, да се подготвиме да направиме некаков протокол, прирачник, упатство, насока со што ќе им помогне на стручните служби и на воспитно образовниот кадар, каде што децата престојуваат 200 дена во годината, или од шест до осум часа дневно, да бидат подготвени како да реагираат во такви случаи, затоа што и нашите СОС оператори го имаат истиот проблем, појаснува Змијанац.

Тој потенцира дека треба да се креираат не само програми и стратегии, туку и да се едуцираат воспитно образовните кадри како да реагираат и како да ја спречат оваа појава. Според него, тоа досега не е преземено поради недостиг на капацитет, кадар, добра волја, фокус од страна на институциите и преокупација со други проблеми.

- Тоа укажува на тоа дека треба да се меѓусекторски поврзани и да соработуваат повеќе и со родителите и со стручните служби и со граѓанските организации што работат на оваа проблематика за да имаат подобар успех во превенција и спречување на најлошите дојави како што се суицидни мисли, повреда, врсничко насилство, додава Змијанац.

Сѐ уште нема протокол за постапување на стручните служби со млади кои се жалат на проблеми со менталното здравје

Од Министерството за труд и социјална политика велат дека во државава сѐ уште нема протокол за постапување на стручните служби со младите, кои се жалат на проблеми со менталното здравје, додека, овие проблеми, сè почесто се манифестираат во раната возраст.

- Како позитивен аспект може да се издвои програмата што ја користат установите за згрижување на деца од предучилишна возраст - градинките, во кои целиот згрижувачко-воспитен кадар во 2019 година има поминато обука за спроведување програма за социо-емоционален развој на деца - програма што сè уште се користи, се наведува во нивниот писмен одговор на прашањата на МИА.

Она што е предизвик, како што дополнуваат, е создавање капацитети за вклучување што повеќе деца во градинките, со оглед дека се вклучени околу 47 проценти од вкупниот број деца на возраст од три до шест години.

Од МТСП најавуваат дека заради обезбедување координирано постапување на институциите во заштитата на менталното здравје на децата и адолесцентите, во наредниот период е предвидена подготовка на посебен меѓусекторски протокол за поврзување на секторите - социјална заштита, образование, здравство, опфаќајќи должности и ранливи групи.

Обединетите нации предупредуваат дека пандемијата на коронавирусот може да предизвика широк спектар на психолошки заболувања и ги повика државите да го вклучат менталното здравје и психосоциј

Од Министерството за образование и наука истакнуваат дека во изминатиот период ги зајакнале стручните служби и за да дадат дополнителна психосоцијална поддршка, го зголемиле бројот на стручни соработници.

- Беа обезбедени квалитетни обуки за оптимизирање на капацитетите за помош на учениците во справувањето со стресот, анксиозноста и другите проблеми со менталното здравје, како и за насочување на учениците кон развој на здрави механизми за справување и градење отпорност, велат оттаму за МИА.

Од МОН дополнуваат дека околу 700 стручни соработници - професионалци за ментално здравје од сите основни и средни училишта, во изминатите две години биле обучени за новата Програма за психосоцијална помош и поддршка во унапредување на добросостојбата и менталното здравје на децата и младите во образовните, здравствените и загрижувачките институции и средини и истите се дел од заедниците за размена и колегијална поддршка.

- Оваа мрежа на стручни соработници, всушност ќе преземе водечка улога на ниво на училиште во спроведување на активностите за унапредување на социо-емоционални компетенции и зајакнување на психолошката отпорност кај учениците и возрасните. Бидејќи наставникот има централна улога во воспитно-образовниот процес, во рамки на градењето капацитети, предвидовме обуки и за нив, за познавање на учениците и излегување во пресрет на нивните потреби, пишува во писмениот одговор на МОН.

Националната стратегија за ментално здравје за млади со низа препораки за благосостојба

Еден од обидите за решавањето на проблемите на младите е Националната стратегија за ментално здравје за млади, изготвена од Националниот младински совет на Македонија.

Според претседателот на НМСМ, Филип Ивковски, преку имплементација на оваа стратегија, секој млад човек ќе има достапност до услуги за грижа за своето ментално здравје и ќе може да работи на својата благосостојба.

Тој информира дека статистиките за ментално здравје кај нас, не покажуваат позитивни трендови и генералната слика е дека секој втор млад човек се соочува со предизвици со своето ментално здравје.

-  Тука статистиките варираат. Па така, дека 64 проценти од младите што се соочуваат со депресија или чувства на тага и слично, околу 55 проценти дека се соочуваат секојдневно со стрес, со различни стресни ситуации, дури стапката за самоубиства можеби е повисока кога ќе земеме генералната популација кај млади, алармира Ивковски во изјава за МИА.

Како што соопштува, радува тоа што отприлика 67 проценти од младите сакаат да побараат помош и ова тој го издвојува како позитивен чекор и тренд што треба да се следи.

Околу тоа колку образовниот систем кај нас има капацитет да се соочи со проблемите на младите, тој смета дека наставниот кадар не е доволно опремен со знаење и вештини за да одговори на потребите на младите, а од друга страна, стручните соработници, психолози, педагози, социјални едукатори не можат доволно и соодветно да одговорат на потребите на младите, имајќи го предвид бројот на учениците во училиштата.

- Во стратегијата се предвидува дека за менталното здравје, афирмативниот пристап и негувањето, веќе треба да се оспособи наставниот кадар, да гради позитивна средина во училиштето, да се зајакнува еден училиштен клас, да има меѓуврсничка поддршка. Доколку е потребно, ќе се работи и на јакнење на капацитетите и на стручните служби, за да можат што е можно повеќе да дадат во вакви ситуации. Но, сепак, треба да бидеме свесни дека училиштата имаат ограничени ресурси, иако постои потенцијал што може да се искористи, за да се надминат ваквите состојби, потенцира Ивковски.

Прифаќањето од средината - еден од проблемите што ги мачат младите

Според училишниот психолог Ана Попризова, младите најмногу ги мачат аспектите на нивната социјализација.

- Колку се прифатени во друштвото, како се позиционирани, каква е нивната мрежа на пријателства, училишниот успех, комуникацијата меѓу врсниците, со родителите, со наставниците. Тоа се прашања што ги мачат врзано со она што значи период на адолесценција и на младост. Секако и на индивидуално ниво, често се прашуваат кои се тие, кои се нивните професионални интереси за во иднина, лични стравови, егзистенцијални прашања, таков е периодот, таква е возраста и тоа се типични прашања со што младите се соочуваат, појаснува таа за МИА, дополнувајќи дека по пандемијата, забележана е зголемена анксиозност кај тинејџерите.

Попризова додава дека стигмата да се побара помош од психолог или психијатар, сѐ уште постои, меѓутоа, младите сѐ повеќе зборуваат за менталното здравје.

- Сѐ уште треба да се работи на подигнување на свесноста на наставниот кадар, особено дека тие треба да даваат поддршка на младите во функција на нивното ментално здравје. Од една страна им треба дополнителна доедукација на наставниците, бидејќи многу често се чувствуваат збунети и не знаат како тоа да го направат и така натаму. Од друга страна, многу е значајно и младите да ги чувствуваат наставниците како свој систем на поддршка, смета Попризова.

Блaже Дарудов
Ангела Рајчевска
Видео: Срѓан Крстиќ
Фото: МИА архива 

 

 

 

Остани поврзан