Анкета: Србија најпријателска земја, САД со најголем придонес во демократијата, а ЕУ во економскиот развој
- Србија со 45,3 проценти е перцепирана за најпријателска земја од граѓаните на Северна Македонија, САД се број 1 во однос на придонесот за демократскиот развој на земјава, а ЕУ се први во однос на придонесот за економскиот развој, покажуваат првичните резултати од анкетата спроведена од ПРЕСПА Институтот во периодот април - мај, на примерок од 1500 испитаници.
Скопје, 25 мај 2023 (МИА) - Србија со 45,3 проценти е перцепирана за најпријателска земја од граѓаните на Северна Македонија, САД се број 1 во однос на придонесот за демократскиот развој на земјава, а ЕУ се први во однос на придонесот за економскиот развој, покажуваат првичните резултати од анкетата спроведена од ПРЕСПА Институтот во периодот април - мај, на примерок од 1500 испитаници.
Според иницијалните заклучоци, Србија е перцепирана како најголем пријател, најважен критериум се заеднички вредности и „интереси“, не демократијата или економијата. САД, ЕУ и Србија најмногу придонеле за демократскиот развој. За економскиот развој најмногу придонеле ЕУ, Србија и САД, културата, религијата и традицијата се најважни вредности за сите старосни групи, а односите со соседите не се ниту добри ниту лоши.
-Анкетата ни кажува дека Србија продолжува да се качува како најпрепознатлив и најперспективен пријател на нашата држава (споредбено со 14 отсто во 2020 и 38,6 отсто во 2022 година). Најважен критериум за нашите граѓани за тоа кој е пријател или не, се споделуваните интереси и вредности, но не до тој степен и демократскиот придонес или економијата и соработката што ја имаме со таа земја, вели Ивана Јордановска од тимот кој го спроведе истражувањето.
На прашањето генерално гледано, која држава или меѓународен сојуз/унија е најголем пријател на Северна Македонија, по Србија, според анкетата, следна земја најпрепознатлива како пријател е Косово со 9 проценти, САД 6,8, а четврта е Трција со 6,7 отсто. Албанија ја сметаат за пријателска земја 5,6 отсто од испитаниците, ЕУ 5,1 отсто, Германија 1,5, а за НАТО се определиле 1,1 отсто од анкетираните
Од регионот Грција и Црна Гора имаат 0,5 проценти, а за Бугарија се изјасниле 0,2 проценти од испитаниците, колку што се изјасниле и за Кина. Русија ја избрале 1,1 отсто испитаници. Додека 10,3 од анкетираните кажале дека ниту една змеја не ја перцепираат како пријателска, а 3,2 отсто одговориле не знам.
За тоа на што се должи ваквиот тренд во однос на Србија, Андреја Стојковски од Преспа Институтот вели дека тоа се должи мерките за Ковид-кризата и пред се, на прашањето околу решавањето на црковниот спор СПЦ-МПЦ. Од друга страна најголем пад имаат забележано ЕУ со 1,5 отсто (во 2020г. имале поддршка од 16,7 од анкетираните, а во 2022г. 7,8 отсто) и Германија со 1,5 отсто (во 2020г. 12,4, а во 2022г. 5,9)
-Во поглед на она што лист експериментот ни го кажа најважно беше дека сега за сега знаеме дека граѓаните би кликнале најчето на позитивна вест за Русија, позитивна или негативна вест за ЕУ, застрашувачка вест околу вакцините и би поверувале на негативна вест за ЕУ, вели Јордановска.
Од другите податоци некои се поохрабрувачки од други, така, додава таа, на прашање како ги оценувате односите со соседите при оценката од 1 до 5, каде 1 се лоши, а 5 се добри, најголем број ги оцениле со оценка 3.
-Генерално пријателска земја е Србија број 1. Земја која што најмногу има придонесено во демократскиот развој на РСМ, САД се земја број 1 со 24,2 проценти, на второ место е ЕУ со 22,8 проценти и на трето место е Србија со 14,7 отсто, вели Јордановска.
Во поглед на тоа кој има најмногу придонесено за економскиот развој на државава најпрепознатливи се ЕУ со 21,2 отсто, Србија со 15,9 и на трето место се САД со 15,6 отсто.
-Споредено со податоците од минатата година каде Германија фигурира како втор или трет партнер во поглед на економија и демократски развој, тој тренд не го забележуваме оваа година. Германија има паднато со 2,7 проценти кај придонес на демократскиот развој и во поглед на економијата има 10, 7 осто наспороти 26,8 отсто минатата година, вели Јордановска.
На прашањето со која држава или меѓународен сојуз/унија, Северна Македонија споделува најмногу вредности или интересе и следствео на тоа би требало да има најблиски односи, 62, 8 одговориле дека тоа е Србија, следи Албанија со 14,9 отсто и Косово со 2,8 отсто. При тоа 3,1 одговориле ниту една, а 5,8 не знам. Во однос на тоа кои се тие вредности и интереси најголем процент ги посочиле културата, религијата и традицијата, историјата, а потоа економискиот развој.
За 61 процент од испитаниците членството во ЕУ е најдобра опција за државата, 34 отсто дека треба да бараме друга алтернатива. За тоа зошто е ЕУ најдобра опција, за најголем број од нив речиси 90 отсто тоа е економскиот развој и нови работни места, па следат владеење на правото, почитување и заштита на човековите права па антикорупција.
Во однос на тоа зошто треба да бараме друга опција за 49 отсто од анкетираните е дека ќе ни сменат историјата и идентитетот, за 41 процент повеќе губиме одошто добиваме, за 32 проценти имаме различни вредности со ЕУ и за 29 проценти дека ќе го загубиме јазикот.
Во однос на тоа како се информираат за прашањата од областа на надворешната политика евроинтеграции, најголем дел од испитаниците одговориле дека се информираат преку ТВ (48 отсто), 23,3 отсто од социјалните мрежи, 18,5 отсто од интернет портали, 1,6 отсто од печат и 2,2 од пребарувачи на интернет.
Две третини сметаат дека вестите што ги добиваат од медиумите се ниту вистинити ниту невистинити.
Најголема доверба имаат во Сител со 19,8 отсто од анкетираните, следи Канал 5 со 12,9 отсто, Алсат 12,4 отсто, Алфа 7,1 отсто, Телма 6,9 отсто, МТВ 6,7 проценти, 24 Вести 5,1 отсто, локални ТВ 2,4 отсто и ТВ 21 со 2 проценти. вг/аа/
Фото:МИА