• среда, 25 декември 2024

Анкета: Опозицискиот лидер Ганц води пред Нетанјаху во трката за премиер на Израел

Анкета: Опозицискиот лидер Ганц води пред Нетанјаху во трката за премиер на Израел

Тел Авив, 30 август 2024 (МИА) - Опозицискиот лидер Бени Ганц повторно го презеде водството над израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху според најновите истражувања на јавното мислење во трката за премиер на Израел.

Според денешното издание на дневниот весник „Маарив“, 40 отсто од Израелците го преферираат Ганц за оваа позиција, додека 39 отсто го поддржуваат Нетанјаху.

Исто така, анкетата покажува дека, доколку изборите се одржат денеска, партијата на Ганц, Национално единство, и партијата на Нетанјаху, Ликуд, би имале ист број пратеници во Кнесетот (израелскиот парламент), при што секоја би осигурила по 21 од 120 места.

Според пишувањето на весникот, партијата Ликуд оваа недела загубила едно место од партијата Национално единство.

Анкетата исто така покажа дека коалицијата на Нетанјаху би освоила 51 место, опозицијата 59, а арапските пратеници би освоиле десет мандати.

За формирање влада во Израел е потребно мнозинство од 61 член на Кнесетот. Сепак, не се очекуваат предвремени избори поради одбивањето на Нетанјаху да распише нови избори поради тековната војна во Газа.

Последните општи избори во Израел, одржани на 1 ноември 2022 година, резултираа со формирање на влада предводена од крајно десничарската коалиција на Нетанјаху, која официјални лица, вклучувајќи го и американскиот претседател Џо Бајден, ја опишаа како „најекстремната“ во историјата на Израел.

Доколку не се одржат вонредни избори, следните парламентарни се предвидени за октомври 2026 година.

Весникот исто така го истакна потенцијалното влијание на новата партија предводена од поранешниот десничарски премиер Нафтали Бенет, што може значително да ја промени распределбата на местата во Кнесетот.

Според анкетата, новата партија на Бенет би можела да осигура 23 мандати, додека Ликуд би освоил 19, а Национално единство 14 мандати.

Имено, 49 отсто од испитаниците веруваат дека Бенет е најдобриот кандидат за премиер, додека 35 отсто го преферираат Нетанјаху. Бенет, сепак, не ја најави официјално својата кандидатура. ссм/

фото: архива

Остани поврзан