• четврток, 26 декември 2024

Анкета на Ројтерс и Ипсос: Бајден со слаба поддршка од Американците, се навестува тесна изборна трка со Трамп

Анкета на Ројтерс и Ипсос: Бајден со слаба поддршка од Американците, се навестува тесна изборна трка со Трамп

Вашингтон, 6 декември 2023 (МИА) - Популарноста на американскиот претседател Џо Бајден е речиси на најниско ниво од почетокот на неговиот мандат, што укажува на проблемите што го очекуваат на претседателските избори следната година, покажува најновата анкета на Ројтерс и Ипсос.

Тридневната анкета, што заврши во неделата, покажува дека само 40 отсто од испитаниците го поддржуваат Бајден, што е малку повеќе од 39 отсто во ноември. 

Маргината на грешка е три процентни поени.

Се очекува во ноември 2024 година, на претседателските избори, Бајден да се соочи со поранешниот претседател Доналд Трамп, фаворит за републиканската номинација. 

Други анкети покажуваат дека потенцијалната трка меѓу нив ќе биде тесна.

Анкетата на Ројтерс и Ипсос покажа дека Американците ги гледаат економијата, криминалот и имиграцијата како главни проблеми со кои се соочува земјата, токму за што Трамп и другите републиканци го критикуваа Бајден. Деветнаесет отсто од испитаниците ја оцениле економијата како главен проблем, единаесет отсто рекле дека тоа е имиграцијата, а десет отсто криминалот.

Од август 2021 година рејтингот на Бајден не надмина 50 отсто, а последната анкета покажа дека тој е блиску до најниското ниво од 36 отсто кон средината на 2022 година. сд/

Остани поврзан