Анкета на ИЧП: Девојчињата се во поголема мера предмет на онлајн врсничко насилство
- Околу 20 проценти од учениците биле или можеби/веројатно биле предмет на онлајн врсничко насилство во изминатата година. Споредено по пол, девојчињата биле во поголема мера предмет на онлајн врсничко насилство во изминатиот период од момчињата. Ако резултатите се погледнат по основ на етничка припадност една третина од учениците Роми рекле дека биле предмет на онлајн врсничка насилство, што е значително повеќе од било која друга етничка заедница.
Скопје, 6 март 2024 (МИА) - Околу 20 проценти од учениците биле или можеби/веројатно биле предмет на онлајн врсничко насилство во изминатата година. Споредено по пол, девојчињата биле во поголема мера предмет на онлајн врсничко насилство во изминатиот период од момчињата. Ако резултатите се погледнат по основ на етничка припадност една третина од учениците Роми рекле дека биле предмет на онлајн врсничка насилство, што е значително повеќе од било која друга етничка заедница.
Ова се резултатите од спроведената анкета на тема „Сајбер булинг во средините училишта во Република Северна Македонија“ што ја изработи Институтот за човекови права.
Доминантен облик на онлајн врсничко насилство, според анкетата, е озборувањето, со 35,8 проценти од вкупниот број на потврдени или можни случаи. Озборувањето значително повеќе ги погодува девојчињата. Од друга страна, момчињата во поголема мера добиваат несакани пораки на социјалните мрежи и се предмет на игнорирање/исклучување во споредба со девојчињата.
На денешниот настан „Борба против онлајн врснички насилство врз девојчињата“ што се одржа во Европска куќа, Мартин Сопронов од ИЧП појасни дека девојчињата врз девојчињата најчесто вршат онлајн насилство затоа што тоа го прават од љубомора. Додека, и момчињата вршат повеќе онлајн насилство врз девојчињата поради забава или покажување моќ и доминација.
-Согледувањата на децата беа дека иако професорите и административните работници во училиштата ги препознаваат и дури и со прст можат да ги покажат кои се тие кои што вршат онлајн врснички насилство или врснички насилство, заради пребукираност со работа, често пати се откажуваат да преземат какви било чекори и оставаат процесите да се одвиваат стихијно. Доколку се смири ситуацијата, во ред, евентуално ако ескалира, тогаш преземаат некои чекори, вели тој.
Дополнува дека дури децата и да се охрабрат да пријават, тој процес не оди така анонимно и заштитено и многу лесно протекуваат информациите и после истите жртви се дополнително предмет на онлајн врсничко насилство или на врсничко насилство заради таквиот процес.
Даниела Андоновска, експертка за родова еднаквост, ги наброја препораките од извештајот кои, како што кажа, биле насочени кон училиштата, социјалните медиуми и интернет порталите.
Особено е важно да има континуирана едукација и зголемување на дигиталните вештини на учениците. Меѓутоа, истовремено и соодветни обуки кои што ќе бидат наменети за наставниот кадар како и за стручните служби во училиштата, вклучувајќи ги тука и психолозите и педагозите, вели таа.
Дополнува дека е неопходно и поголемо вклучување на трети лица, односно оние случајни сведоци на овие настани на сајбер булинг.
- Затоа, меѓу препораките се и формирање на групи за поддршка кои што ќе бидат составени од самите врсници и пред сѐ тоа да бидат родовохетерогени групи за поддршка. Понатаму, евентуално воведување на интерни линии за пријавување на различните форми на сајбер букинг, вели Антоновска.
Спроведената анкета покажува дека учениците поминуваат најголем дел од своето слободно време на социјални мрежи, во просек нешто повеќе од 4 часа. Притоа, девојчињата поминуваат во просек околу 1 час дневно повеќе на социјални мрежи од момчињата.
Учениците најмногу ја користат социјалната мрежа Instagram. Втора најкористена е Тик Ток, и трета е You Tube. По нив следат Ѕnаpchat, Facebook, X (претходно позната како Twitter) и Telegram.
Најмногу социјалните мрежи од страна на учениците се користат за комуницирање, потоа следи слушање музика, гледање видеа, и следење новости и трендови.
Нема разлика врз основа на пол во однос на сексуално вознемирување како облик на онлајн врсничко насилство.
Најголем дел од онлајн врсничко насилство се случува на социјални мрежи и притоа, најголем дел од тоа се случува на мрежата каде што младите се најприсутни, Инстаграм.
Во однос на перцепцијата за тоа кој е почесто жртва на сајбер булинг врз основа на полот, скоро половина од учениците сметаат дека тоа се девојчињата и девојчињата се многу повеќе склони да се сметаат себе за предмет на онлајн врснички насилство.
Најчест мотив кај момчињата поради кои вршат онлајн врсничко насилство е за да покажат моќ, но и поради шега, а најчест мотив заради кој девојчињата вршат онлајн врсничко насилство е одмаздата, но, исто така, силно застапени се и омразата и завидливост.
Анкетата која беше спроведена во рамките на проектот „Борба против сајбер булинг врз девојчиња", Финансиски поддржана од Канадската амбасада во Белград, има за цел да ја прикаже состојбата со врсничкото насилство во училиштата, дали учениците се жртви на врсничко насилство и дали знаат да препознаат булинг во училиштата во онлајн просторот. Била спроведена во 18 училишта од осумте плански региони низ државава со пополнување на прашалник од страна на 1.017 ученици од трета и четврта година. Одговорените прашалници и добиените одговори покажуваат дека учениците сакаат и чувствуваат потреба да разговараат на темата сајбер булинг.ар/лв/