• недела, 24 ноември 2024

Анкета на ИРИ за Западен Балкан: Силна поддршка за членство во ЕУ, рускиот напад на Украина неоправдан

Анкета на ИРИ за Западен Балкан: Силна поддршка за членство во ЕУ, рускиот напад на Украина неоправдан

Вашингтон, 17 април 2024 (МИА) – Последното мултинационално истражување за Западен Балкан од Центарот за увид во истражувањето (CISR) на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) покажува широка поддршка за приклучување кон Европската унија (ЕУ) и силно мнозинство кое руската војна против Украина ја смета за неоправдана. Анкетата, како што објави на својата веб страница ИРИ, е спроведена во шест земји од регинот: Албанија, Босна и Херцеговина (БиХ), Косово, Северна Македонија, Црна Гора и во Србија.

На прашањето дали би го поддржале влезот во ЕУ доколку денеска се одржи референдум, во пет од шесте земји силно мнозинство би гласале за пристапување во Унијата и тоа од 68 отсто во Северна Македонија и во Босна и Херцеговина до 92 отсто во Албанија. Во Србија, повеќе од 40 отсто од анкетираните го поддржуваат пристапувањето во ЕУ.

-Постои силна желба низ Балканот да се зајакнат врските со западните економии и да се приклучат кон ЕУ, истакнува Пол Мекарти, директор за Европа во ИРИ.

Тој додава дека оваа широка поддршка покажува дека луѓето од целиот регион веруваат дека понатамошната интеграција во Европската унија може да помогне да се постигне одржлив просперитет.

Анкетата, исто така, покажа дека мнозинството во пет од шесте испитани земји веруваат дека руската војна против Украина е целосно или донекаде неоправдана. Во Србија, пак, мноштво од 49 отсто целосно или донекаде ја оправдуваат Русија.

-Иако овие бројки се главно позитивни, српските одговори се вознемирувачки. Ако мирот и безбедноста се долгорочни цели на Балканот, подобра опција за Србија е да ги отфрли руските предлози и да изгради посилни врски со Западот, рече Мекарти. 

Истражувањето било спроведено во име на Центарот за увид во истражувањето на ИРИ помеѓу 2 февруари и 5 март 2024 година. Податоците се собрани преку CAPI администрирано интервју лице-в-лице во домовите на испитаниците преку метод на повеќестепена веројатност дизајниран да дава резултати на национално ниво на репрезентативни примероци во секоја земја. Стапките на одговор се движат од 21 отсто до 40 отсто. Големината на примерокот по земја варира помеѓу 1036 и 1238 испитаници, а маргината на грешка се движи од 2,8 до 3,0 поени, наведуваат од ИРИ. вг/лв/

Фото: Принтскрин

Остани поврзан