• петок, 27 декември 2024

Анкета на ИДСЦС: Половина граѓани би се вакцинирале, 16 проценти се двоумат

Анкета на ИДСЦС: Половина граѓани би се вакцинирале, 16 проценти се двоумат
Скопје, 17 март 2021 (МИА) - Институт за демократија преку Програмата за парламентарна поддршка спроведе анкета, според која половина од анкетираните граѓани изјавиле дека би се вакцинирале, а 16 отсто се уште се двоумат. Најголем дел од граѓаните, според анкетата, ја преферираат вакцината на „Фајзер“. Од друга страна граѓаните сметаат дека Владата не прави доволно за да ја адресира состојбата со актуелната криза. На прашањето „Дали би се вакцинирале“, 50 отсто одговориле со „да“, 34 проценти со „не“, а „не знам“ одговориле 16 проценти од испитаниците. Триесет и девет проценти одговориле дека би се вакцинирале со „Фајзер“, со „Спутник“ 21 отсто, со кинеската „Синофарм“ шест отсто, со „Модерна“ пет отсто, додека со „Астра зенека“ три проценти од граѓаните. „Не знам“ со која вакцина одговориле 27 проценти од анкетираните граѓани. На прашањето „Дали Владата прави доволно за да ја адресира состојбата со здравството, економијата и образованието“, со „да“ одговориле 39 отсто, „не“ кажале 53 проценти, а „не знам“ осум проценти. Во денешното соопштение на Институтот за демократија не е наведено на колкав број анкетирани е извршено истражувањето на јавното мислење. Додаваат дека извештајот од анализата на јавното мислење за изминатата година ќе биде достапен за јавноста следната недела. Институт за демократија преку Програмата за парламентарна поддршка годишно го информира Собранието за перцепциите на граѓаните за неговата работа и генералните политики во државата. -Во таа насока и оваа година го информираме Собранието, креаторите на политики и јавноста што мислат граѓаните за здравствената криза и вакцинацијата против коронавирусот. Инфографиците се изработени во рамки на Програмата за парламентарна поддршка на Швајцарската амбасада во Република Северна Македонија, спроведена од НДИ, ИДСЦС и Центарот за управување со промени - ЦУП, наведуваат од Институтот за демократија.нд/са/

Остани поврзан