• четврток, 26 декември 2024

Анкета: Над 80 отсто од Европејците ги подржуваат меките на ЕУ за енергетска безбедност и зелена транзиција

Анкета: Над 80 отсто од Европејците ги подржуваат меките на ЕУ за енергетска безбедност и зелена транзиција

Брисел, 11 септември 2023 (МИА) – Дури 86 проценти од граѓаните на ЕУ ги поддржуваат иницијативите на европско ниво преземени во текот на минатата година за да се ограничи непосредното влијание на зголемувањето на цените на енергијата врз потрошувачите и компаниите, покажуваат резултатите од истражувањето на Флеш Евробарометар објавени денеска. 

Според анкетата, 86 отсто од испитаниците го поддржуваат одржливото користење на природните ресурси, 82 проценти иницијативите за заедничко купување гас од земјите членки на ЕУ, 81 отсто се за градење партнерски односи на ЕУ со другите глобални актери како Велика Британија, САД, Јапонија и Австралија, а 80 проценти се за намалување на „прекумерната комерцијална зависност“ од земји како Русија или Кина.  

Иницијативата за зголемување на конкурентноста на европската индустрија за чиста технологија ја поддржуваат 80 отсто од анкетираните, мерките на ЕУ за забрзување на дигиталната трансформација – 77 проценти, а напорите за заштита потрошувачите и за зголемување на отпорноста на економијата се важни за 76 отсто од испитаниците. 

Кога станува збор за идните активности што треба да ги преземе ЕУ, 86 проценти од анкетираните сметаат дека треба да се наполнат складиштата со гас во Унијата со цел да се избегне ризикот од недостиг на енергенсот, 85 отсто мислат дека ЕУ треба да го поттикне производството на енергија од чисти технологии во земјите членки, а 79 проценти дека се потребни мерки за намалување на потрошувачката на енергија.  

Во делот на безбедност, 75 отсто испитаници се на ставот дека ЕУ треба да финансира заеднички проекти насочени кон развој на стратешките одбранбени потенцијали и технологии, 85 проценти мислат дека Унијата треба да ја засили својата енергетска и економска безбедност, а 75 отсто се за зајакната воена соработка меѓу земјите членки. 

Анкетата покажува и висока поддршка за продолжување на солидарноста со Украина и Украинците. Така, 86 проценти од анкетираните се за тоа ЕУ да продолжи да обезбедува хуманитарна поддршка за луѓето погодени од војната, 77 отсто се за прифаќање во Унијата на Украинците кои бегаат од војната, а 71 проценти ги поддржуваат економските санкции против Русија. Вкупно 67 отсто ја поддржуваат европската интеграција на Украина, а 65 проценти се за интегрирање на земјата во единствениот пазар на ЕУ. Финансиска и економска поддршка од ЕУ за Украина одобруваат 65 отсто од анкетираните, а 57 проценти сметаат дека Унијата треба да продолжи со снабдувањето на Украина со воена опрема и со обука на припадниците на украинските Вооружени сили. 

На прашањето кои вредности ЕУ најдобро ги претставува, 53 отсто одговориле дека тоа е „почитувањето на основните права и вредности“, 50 проценти - „социјалната еднаквост и благосостојба“, 49 - „толеранцијата и отвореноста кон другите“, 48 отсто „мирот“, 46 проценти -„солидарноста со земјите во и надвор од ЕУ“, а 45 отсто сметаат дека тоа е „заштитата на природата, климата и животната средина.  

Анкетата е спроведена во сите 27 земји членки на ЕУ помеѓу 24 и 31 август 2023 година и со неа онлајн се интервјуирани 26.514 граѓани на Унијата. 

Како што јави специјалниот известувач на МИА од Брисел, во реакција на истражувањето, Европската комисија оцени дека тоа покажува „огромна поддршка“ меѓу Европејците за мерките што ЕУ ги презеде во текот на минатата година за заштита на потрошувачите и компаниите од нестабилноста на цените на енергијата, како и за активностите за поттикнување на енергетската безбедност и зелената транзиција.

- Таа, исто така, потврдува голем консензус меѓу граѓаните на ЕУ во корист на зајакнување на индустријата за чиста технологија, за поголема конкурентност, како и на активностите на ЕУ преземени како одговор на руската инвазија на Украина, наведува ЕК. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан