• недела, 24 ноември 2024

Анкета: Зголемувањето на цените предизвикува најголема загриженост кај Грците

Анкета: Зголемувањето на цените предизвикува најголема загриженост кај Грците
Атина, 16 февруари 2022 (МИА) – Поскапувањето на цените предизвикува најголема загриженост за 47 отсто од Грците, веднаш потоа е пандемијата за 24,2 проценти, а следат криминалот, националните прашања, миграцијата, според резултатите од истражувањето на јавното мислење спроведено од агенцијата „Marc“ за телевизијата „Антена“, јави дописничката на МИА од Атина. На политичката сцена, владејачката Нова демократија (НД) и понатаму е во предност пред опозициската СИРИЗА, со 10,5 отсто, а на прашањето каква Влада преферираат граѓаните, 26,9 проценти одговориле „еднопартиска Влада на НД“, 15,7 отсто би сакале „коалициска Влада СИРИЗА- Движење на промена (КИНАЛ)“, 11,1 процент „еднопартиска влада на СИРИЗА“, а седум отсто „технократска Влада со поддршка од НД, СИРИЗА и КИНАЛ“. Во однос на популарноста на лидерите на политичките партии, најпопуларен е актуелниот премиер Кирјакос Мицотакис, зад него е новиот претседател на КИНАЛ Никос Андрулакис, а на третото место е лидерот на СИРИЗА Алексис Ципрас. Истражувањето на агенцијата „Marc“ за телевизијата „Антена“ било спроведено од 8 до 12 февруари 2022 со анкетирани 1.037 граѓани.ср/сд/

Остани поврзан