• среда, 18 декември 2024

Анкета: Еден од тројца демократи смета дека Бајден треба да се повлече од претседателската трка

Анкета: Еден од тројца демократи смета дека Бајден треба да се повлече од претседателската трка

Вашингтон, 3 јули 2024 (МИА) - Околу 32 отсто од демократите се изјаснија дека Бајден треба да се откаже од кандидатурата за реизбор.

Еден од тројца демократи мисли дека американскиот претседател Џо Бајден треба да ја прекине својата кандидатура за реизбор по минатонеделната дебата со републиканецот Доналд Трамп, но ниту еден истакнат демократ не поминува подобро во хипотетичка пресметка со Трамп, покажуваат резултатите од најновата анкета на Ројтерс-Ипсос.

Дводневната анкета покажа дека и Трамп (78) и Бајден (81) имаат поддршка од 40 отсто од регистрираните гласачи, што укажува дека Бајден не ги изгубил гласачите по дебатата.

Меѓу имињата на водечките демократи кои се најдоа на листата на испитувачи, само Мишел Обама, сопругата на поранешниот претседател Барак Обама, постигна подобар резултат од Бајден и имаше 50 отсто наспроти 39 отсто во хипотетички судир со Трамп. Мишел Обама, авторката на хит книгата „Мојата приказна“ во неколку наврати изјави дека нема намера да се кандидира за претседател.

Околу 32 отсто од демократите во истражувањето рекоа дека Бајден треба да се откаже од својата кандидатура за реизбор по дебатата во која немаше енергија да одговори на нападите на Трамп.

Како што наведуваат странските агенции, демократските гласачи долго време се сомневаат во кандидатурата на Бајден. Во јануарската анкета на Ројтерс/Ипсос, додека трката за номинација на партијата сè уште беше во тек, 49 отсто рекоа дека Бајден не треба да се кандидира во 2024 година.

Бајден изјави дека останува во трката. Но, анкетата покажа дека хипотетичките демократски замени, доколку Бајден се повлече, ќе постигнат исти или полоши резултати од Бајден против Трамп.

Потпретседателката Камала Харис, на пример, заостанува зад Трамп за еден процентен поен, што би ја направило нејзината кандидатура статистички подеднакво силна како онаа на Бајден. 

Само 18 отсто од демократите веруваат дека кандидатурата на Бајден би била поатрактивна.

Педесет и девет отсто од демократите сметаат дека Бајден е премногу стар за да работи во владата, што е слично на резултатите анкетата во јануари.

Во истражувањето, кое било спроведено онлајн, биле опфатени 1.070 возрасни Американци.

Белата куќа во вторникот соопшти дека когнитивниот тест „не е неопходен“ за Џо Бајден, чие здравје е предмет на жестока дебата по лошата расправа на демократскиот лидер против Доналд Трамп.

Портпаролката на Белата куќа Карин Жан-Пјер изјави дека американската извршна власт „апсолутно не ги криела информациите“ за здравствената способност на претседателот. паг/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан