Анкета: Еден од двајца Грци смета дека треба да се одржат предвремени избори поради железничката несреќа
- По последните случувања поврзани со железничката несреќа кај Темпи, еден од двајца Грци, односно 52,5 отсто сметаат дека треба или веројатно треба земјата да оди на предвремени избори, 85 проценти гледаат одговорност кај Владата за трагедијата, додека 67,7 отсто сметаат дека Владата го загуби народниот легитимитет, покажуваат резултатите од истражувањето на јавното мислење спроведено од агенцијата „ГПО“ за телевизијата „Стар“, јави дописничката на МИА од Атина.

Атина, 6 март 2025 (МИА) – По последните случувања поврзани со железничката несреќа кај Темпи, еден од двајца Грци, односно 52,5 отсто сметаат дека треба или веројатно треба земјата да оди на предвремени избори, 85 проценти гледаат одговорност кај Владата за трагедијата, додека 67,7 отсто сметаат дека Владата го загуби народниот легитимитет, покажуваат резултатите од истражувањето на јавното мислење спроведено од агенцијата „ГПО“ за телевизијата „Стар“, јави дописничката на МИА од Атина.
Над седум од десет анкетирани (71,9 проценти) сметаат дека Владата се обидува да го прикрие случајот, а 21,7 проценти дека се обидува да го расчисти случајот со несреќата, додека 86,2 отсто сметаат дека има кривична одговорност за политичарите.
На прашањето дали имаат доверба во грчкото правосудство, 59,8 отсто одговориле со „не и веројатно не“.
Со учеството на масовните протести, граѓаните одговориле дека сакале да им оддадат почит на жртвите (64,1 отсто), да побараат правда (56,1 отсто) и да испратат порака против власта (47,4 проценти).
Во однос на ставот на опозицијата за железничката несреќа, 82,4 отсто сметаат дека се обидува политички да го искористи случајот.
На политичката сцена, Нова демократија е прва со 23,1 отсто и бележи пад во споредба со истражувањето од истата агенција спроведено во јануари, кога имаше 26,7 проценти.
ПАСОК е на втората позиција со 14,8 проценти (наспроти 16,6 отсто во јануари), на третата позиција е Грчко решение со 9,2 проценти, следат Комунистичката партија (7,9 отсто), Курс на слобода (6,9 проценти), а СИРИЗА (6 проценти) е шеста политичка сила во земјата.
На прашањето кој е најсоодветен за премиер, на прво место е одговорот „никој“ со 36,7 проценти, а потоа следи актуелниот грчки премиер Кирјакос Мицотакис 24,9 отсто.
Истражувањето на јавното мислење од агенцијата „ГПО“ за телевизијата „Стар“, било спроведено веднаш по масовните протести во петокот и завршило во вторникот вечерта со анкетирани 1.140 лица. ср/
Фото: Архива МИА