• среда, 25 декември 2024

Анкета во Грција: Нова демократија ќе биде убедлив победник на евроизборите в недела

Анкета во Грција: Нова демократија ќе биде убедлив победник на евроизборите в недела

Атина, 3 јуни 2024 (МИА) – Над 30 отсто од гласовите би добила Нова демократија, СИРИЗА двојно помалку, но стабилна на втората позиција, а ПАСОК би била на третата позиција на претстојните европски избори в недела, според истражувањето на јавното мислење спроведено од агенцијата „MARC“ за грчкиот весник „Прото тема“, јави дописничката на МИА од Атина.

Резултатите од анкетата покажуваат дека рејтингот на Нова демократија е меѓу 30, 4 и 36,2 отсто, СИРИЗА би добила од 14,1 до 18,7 проценти, а ПАСОК од 10,1 до 14,1 отсто, додека пак еден од десет анкетирани рекле дека сè уште не одлучиле за кого ќе гласаат.

Според процените на весникот, владејачката партија би добила осум европратеници, СИРИЗА четворица, а ПАСОК тројца.

На европските избори во 2019 година Нова демократија доби 33 отсто од гласовите и осум европратеници, СИРИЗА беше втора со 23,75 проценти и шест пратенички места, ПАСОК, Комунистичката партија и Златна зора имаа по двајца европратеници, а Грчко решение еден претставник во Европскиот Парламент.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис како цел на европските избори го постави резултатот од пред пет години, што според последните истражувања на јавното мислење, се чини дека лесно ќе го постигне.

На прашањето како ја оценуваат Владата на Нова демократија во првите десет месеци од вториот мандат, речиси шест од десет Грци одговориле „негативно“ или „веројатно негативно“.

Истражувањето на јавното мислење на агенцијата „MARC“ за грчкиот весник „Прото тема“, било спроведено од 29 до 31 мај 2024 година со анкетирани 1.003 граѓани со право на глас. ср/сд/

Остани поврзан