• среда, 13 ноември 2024

Андрулакис за случајот со прислушувањата предлага да се проверат телефоните на пратениците во грчкиот Парламент

Андрулакис за случајот со прислушувањата предлага да се проверат телефоните на пратениците во грчкиот Парламент
Атина, 21 ноември 2022 (МИА) – Проверка на мобилните телефони на сите пратеници; одвојување на Националната служба за разузнавање од кабинетот на премиерот; укинување на противуставната одредба со која се забранува Службата за заштита на приватност на комуникациите (АДАЕ) да ги информира прислушуваните; конечната одлука за следење поради национална безбедност да ја носи тричлен судски совет и да биде информиран претседателот на АДАЕ, се дел од иницијативите и предлозите на грчката опозициска партија ПАСОК – Движење на промена за случајот со прислушувањата во Грција, јави дописничката на МИА од Атина. Лидерот на партијата Никос Андрулакис, кој како што е веќе познато, бил следен од Националната разузнавачка служба (ЕИП), а постоел обид за негово прислушување со софтверот Предатор, на денешната прес конференција на тема „Институционален одговор на нелегалните прислушувања“ презентирајќи ги предлозите рече дека „апсолутно е јасно дека правосудството треба да ги забрза процедурите, да се дознае целата вистина пред изборите за тие да се одржат со расчистена слика без сенки“. -Сите наши иницијативи и предлози имаат една и единствена цел: да се зајакне транспарентноста, отчетноста, но паралелно и справување со токсичната клима, во која континуирано инвестираат владата на Нова демократија и партијата СИРИЗА, рече Андрулакис. Истакна дека веќе предложил, претседателот на грчкиот Парламент Константинос Тасулас да преземе иницијативи и тоа да го стори во текот на оваа седмица за проверка на мобилните телефони на сите пратеници и нивните соработници, како што тоа се прави во Европскиот Парламент, „за да престанат шпекулациите, сомнежите и политичкиот свет да биде заложник на оваа ситуација“. Додаде дека истражувачкото новинарство со објавените податоци, покажува дека со софтверот Предаторот управувале грчки полицајци во зграда на Националната служба за разузнавање. -Исто така, секојдневно се објавуваат и списоци, но никој не знае со сигурност што е точно, а што не, кој оцрнува, а кој е оцрнет, кој уценува, а кој е уценет. Единствениот пат е правдата и ги повикувам сите инволвирани лица да се обратат до правдата. Под страв од осуда на европско ниво и под наш притисок, Владата донесе предлог-закон, кој и покрај некои позитивни елементи не допира до сржта на сериозните патологии на системот, рече Андрулакис, презентирајќи ги предлозите и иницијативите на ПАСОК- Движење на промена. ср/сд/

Остани поврзан