• петок, 27 декември 2024

Андреевски за индицентот во Каламарија: Политиката се обиде да ја победи уметноста, благодарност до сите кои застанаа на страната на уметноста

Андреевски за индицентот во Каламарија: Политиката се обиде да ја победи уметноста, благодарност до сите кои застанаа на страната на уметноста

Скопје, 1 мај 2023 (МИА) - Политиката, како и многу пати до сега, се обиде да ја победи уметноста. Сакам да нагласам дека немам потреба да ја употребувам политиката како средство за лична афирмација. И без тоа, мојата уметност го има обиколено целиот свет. Благодарен сум на поддршката што ја добив и сеуште ја добивам од голем број уметници, интелектуалци, граѓани и воопшто на македонската, грчката и светската јавност кои застанаа на страна на уметноста.

Ова го истакнува меѓу дргото македонскиот реномиран ликовен уметник Сергеј Андреевски во пишаната изјава за медиумите по повод инцидентот што се случи на неговата изложба во Каламариа, Солун.

-Доволни се моите потези, тие се повозбудливи, позвучни, помоќни. Затоа сакам веднаш да го заборавам инцидентот, бидејќи сето останато поврзано со изложбата беше убаво чувство: гостопримството од страна на организаторите – општината Каламариа, секојдневните средби со посетителите, колегите-уметници, вклучувајќи ја и средбата со претставниците на грчките органи за јавна безбедност, вели Андреевски.

Да се биде творец денес, во сопствен свет, со личен ракопис, или да се живее сопствениот сон со потези широко насочени кон светот, наведува тој, не е едноставно.

-Живееме во време на пандемии, војни, економски турбуленции и воопшто, преструктурирање на планетата земја. Сите сме, помалку или повеќе вклучени во промените. Сето ова, особено не засега нас, уметниците. Нам ни треба свет без граници, луѓе без вардели. Со мојата уметност отсекогаш трагав по нови, неоткриени предели за да прозвучат нивните убавини преку моите слики, потенцира Андреевски.

Тој ја истакна и професионалната реакција на нашето МНР, а особено заложбите на македонскиот генерален конзул во Солун, Дејан Ѓучиќ, кој, додава тој, направи сѐ јас и мојата сопруга да се чувствуваме безбедни. 

Со маски на лицата, капчиња и качулки за да ги скријат нивните лица, група членови на Златна зора, која со судска одлука е прогласена за криминална организација, упаднаа во четвртокот во галеријата на солунската општина Каламариа каде што беше во тек изложба на македонскиот ликовен уметник Сергеј Андреевски. По наредба на првиот човек на Солунското обвинителство Димитрис Смирнис, обвинителот за кривични дела започне итна прелиминарна истрага за откривање на сторителите на упадот на изложбата.

Во врска со инцидентот реагираа од македонското МНР, а за случајот беше информирано и грчкото МНР.

Изложбата „Неизложени дела на хартија“ на Андреевски беше свечено отворена на 21 април во Солун, во присуство на голем број посетители. вг/

 

Фото: Сергеј Андреевски

 

Остани поврзан