• петок, 27 декември 2024

Андонов: Државите кои направија стратешка транзиција, а не еуфорична трансформација полесно ја поминаа енергетската криза

Андонов: Државите кои направија стратешка транзиција, а не еуфорична трансформација полесно ја поминаа енергетската криза

Скопје, 24 март 2023 (МИА) - Кризата не научи да размислуваме и да делуваме постепено, чекор по чекор да ја правиме транзицијата, да не брзаме. Се прават анализи за влијанието на новиот механизам на Европската комисија CBAM (Carbon Border adjustment mechanism) врз домашната економија, посочи Виктор Андонов, соработникот на премиерот за енергетика на четвртиот самит за енергетика „СЕТ Требиње 2023“.

Во своето обраќање на првата панел дискусија насловена „Забрзување на регионалниот одржлив план и транзиција кон чиста енергија“ на самитот што се одржа во  Требиње, Бoсна и Херцеговина под слоганот „Енергетска стабилност на Западен Балкан“, Андонов зборуваше за националната стратегија за развој на енергетиката до 2040 година, како и за енергетските политики што ги спроведува Владата.

-Преку зголемување на регионалната соработка на земјите од Западен Балкан, успешно можеме заеднички да се справиме со предизвиците што ни доаѓаат, рече Андонов  и додаде дека енергетската криза полесно ја поминаа државите кои направија стратешка транзиција, а не еуфорична трансформација.

На самитот во Требиње учество земаа 720 учесници од целиот регион, меѓу кои беа и креатори на регионални енергетски политики и иницијативи. вј/нд/

Фото: Влада

Остани поврзан