• сабота, 23 ноември 2024

Андоновски: Над 40 процеси за тендери за јавни набавки се поништуваат од градоначалничката под сомнителни околности

Андоновски: Над 40 процеси за тендери за јавни набавки се поништуваат од градоначалничката под сомнителни околности
Скопје, 16 септември 2022 (МИА) - Уште на почетокот се виде дека меѓучовечките односи на градоначалничката не и се јака страна, дрскост кон вработените, соработниците за што говори и фактот дека за десетина месеци откога е на функција од градот си заминале над 45 луѓе, а околу 20 луѓе кои јас ги познавам и беа ангажирани во тимот на градоначалничката си заминаа, рече вечерва Стефан Андоновски, секретар за меѓународна соработка и советник во Скопје од ВМРО-ДПМНЕ. Андоновски, во гостувањето во Тема на денот на Сител телевизија, посочи дека нема реализација на проектите од програмата на градоначалничката „За Модерно Скопје“ затоа што над 40 постапки на процеси на тендери за јавни набавки се поништувале од страна градоначалничката под, според него, сомнителни околности. - На пример реализација на луна паркот во Скопје, имавте стар проект од Коце Трајановски, еден малку чуден проект на Петре Шилегов и имавте фузија на тие два проекти. Советот на Град Скопје во полно мнозинство даде поддршка за овој проект, никаква реализација. Во ребалансот се префрлија средства за проекти, сите одлуки се донесоа и нема реализација. Нема реализација затоа што над 40 процеси на тендери за јавни набавки се поништуваат од градоначалничката од сомнителни околности, особено затоа што дел од нив по прекинувањето на тендерската постапка се менуваат комисиите, се додаваат нови членови на тие комисии, се менуваат одговорните лица, додаде Андоновски. Тој нагласи дека поддршката на ВМРО-ДПМНЕ не беше безусловна, туку поддршка што се базираше на програма. - Ние ќе контролираме до каде е програмата, што се реализира и ако не гледаме реализација жестоко ќе реагираме во рамки на Советот, рече Андоновски. Во врска со најавената иницијатива за референдум од страна на политичката партија Левица, Андоновски рече оти се надева дека ќе оди на слична линија како што беше иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за референдум. - Не сме во никаква координација со Левица или со која било иницијатива на граѓани. Колку што се нашите информации референдумот ќе биде директно за Договорот за добрососедство, односно начинот како да се стави вон сила. Овој Договор и дава алатка на Бугарија во секој момент независно од вашите успеси да ви каже „стоп“ и да рече ние за Гоце Делчев не сме се договориле, вие запирате со преговорите, изјави Андоновски. Тој најави дека ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи со процесот на активна блокада на Парламентот и оти ќе ги поддржат сите иницијативи со цел да се спречи овој процес. - Ќе ги поддржуваме сите иницијативи за да го спречиме овој процес со цел да имаме предвремени избори на кои ВМРО-ДПМНЕ со огромна предност ќе оди пред СДСМ, ќе ја формира следната влада и нема да дозволи ваквов тип на договори да бидат потпишани во иднина, а штетните последици од овој договор ќе ги поништиме, нагласи Андоновски. Андоновски во врска со отфрлената иницијатива за референдум на ВМРО-ДПМНЕ рече дека собранискиот спикер Талат Џафери требаше само од формален аспект да каже дали е уредна и да ја префрли во комсииите. - Се работи за собраниски насилник кој во свои раце се обидува да ги земе правото и правдата и излегува многу далеку од своите надлежности. За ова ќе има повеќе различни последици, потенцира Антоновски. мс/цр  

Остани поврзан