• вторник, 26 ноември 2024

Андоновски: Мониторингот и превенцијата на системите ќе бидат важен сегмент од стратегијата и законот за сајбер безбедност 

Андоновски: Мониторингот и превенцијата на системите ќе бидат важен сегмент од стратегијата и законот за сајбер безбедност 

Скопје, 25 ноември 2024 (МИА)  - Мониторингот и превенцијата на системите ќе бидат важен сегмент од стратегијата и законот за сајбер безбедност, изјави денеска  министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски,  пред почетокот на состанокот на Работната група за изработка на закон за сајбер безбедност.

Андоновски оцени дека законот за сајбер безбедност целосно ќе не приспособи кон директивите на ЕУ, усогласен со сајбер стратегијата што е во владина  процедура и се очекува до крај на годината да биде донесена. 

Како што информираше, почна со работа работната група за подготовка на првиот закон за безбедност на информациско комуникациски системи, во јавноста познат како  закон за сајбер безбедност. Тој потсети дека за жал, сме биле единствена држава што нема ваков закон во регионот и ЕУ. 

Работната група е составена од претставници на клучните министерства што се однесуваат на сајбер безбедноста. Министрствата за внатрешни рабори,  за одбрана, за надворешни работи и надворешна трговија. Но, како што нагласи и критично важните, министерствата за транспорт, за енергетика и за образование и наука. Најави присуство и на претставници од регулаторните комисии како таа за енергетика, од Народна банка, претставници на академскиот сектор и други, како и меѓународни  партнери  поддржувачи од програмата на УСАИД, како и од Кралството на Велика Британија.

Андоновски се надева дека  до јануари следната година ќе има нацрт за овој закон. Потоа ќе има јавна расправа и се очекува во февруари да има готов текст на законот во Собранието. Притоа изрази надеж дека сите политички чинители ќе застанат зад законското решение. 

На новинарско прашање околу сајбер нападите, тој одговори дека како и во другите држави, постојат пораки што лажно им се испраќаат на граѓаните, како да се од Фонд за здравствено осигурување. Дека такви пораки стигнуваат и од Фејсбук и слично. Добро е, рече, што Фондот ги информираше граѓаните за постоењето на лажните пораки. 

- Ова ќе се случува и во наредниот период. На секои  11 секунди некоја институција, агенција во светот е под некаков сајбер напад. Ова е иднината што ќе ни се случува. Ние сме и геостратешка мета на определени фактори на влијание. Но и приватните лица и институции што сакаат да предизвикаат сајбер напади, тоа ќе го прават и во иднина. Важно е да имаме протоколи на однесување, важно е како ќе се поставиме кон проблемот, дека го препознаваме како проблем и дека пристапуваме кон негово решавање. А дека ваков тип на напади ќе бидат присутни, тоа никој не може да го спречи, истакна министерот. 

Притоа нагласи дека многу е важно да се разбуди свеста, дека ваков тип на пораки може да стигнуваат и да се пријавуваат. Притоа додаде дека надлежните институции веднаш реагираат на нив. 

На прашањето кој е интересот за сајбер напади, тој појасни дека постојат различни типови на сајбер напади, меѓу кои и од финансиски причини, доаѓање до податоци и слично. 

- Не треба да има простор за загриженост затоа што ова го има во целиот свет. Треба само институциите да знаат како да реагираат во вакви случаи и граѓаните да бидат запознаени со состојбите, можностите и опасностите на интернет и како да се справуваат, додаде министерот, посочувајќи дека законските решенија, треба да се размислува и за одредени прекршочни одредби. свд/лв/

фото: принскрин

Остани поврзан