• среда, 25 декември 2024

Андоновски: Дигиталната трансформација е технолошки двигател на посилна поврзаност и подобра иднина за Европа

Андоновски: Дигиталната трансформација е технолошки двигател на посилна поврзаност и подобра иднина за Европа

Скопје, 20 ноември 2024 (МИА) - Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски во рамки на седмиот Дигитален самит во Талин се обрати на сесијата Дигитални технологии и управување во Западен Балкан, која беше дел од панелот за Сајбер отпорност и партнeрство во земјите од Западен Балкан.

Како што информира Министерството за дигитална трансфорамција, фокусот на панелот беше да се разменат мислења за примената на нови технологии во јавниот и приватниот сектор, ризиците од сајбер-напади, како и можностите за примена на најдобрите практики за подобрување на процесите на управување и давање на услуги кон граѓаните.

Андоновски во своето обраќање истакнал дека граѓаните мораат да бидат во срцето на процесот на дигитална трансформација.

- Дигитализацијата е главниот двигател за иновации, конкурентност и раст во сите сектори. Отвора нови можности, помагајќи им на граѓаните и компаниите да го добијат најдоброто од меѓусебно поврзаниот свет, изјавил Андоновски.

Министерот Андоновски ја потенцирал важноста на партнерството со ЕУ, но и со останатите меѓународни партнери за зајакнување на сајбер-безбедноста и примената на иновативни технологии што, пак, ќе создадат поефикасни и транспарентни институции.

- Државите од Западниот Балкан се наоѓаат во критичен момент, каде што нашата дигитална иднина се вкрстува со европската интеграција. Се наоѓаме во клучен момент во историјата, каде што технолошкиот напредок не се само поединечни промени во поединечни држави, туку сите овие процеси се катализатори за промена на парадигмата во тоа како го замислуваме и комуницираме со светот околу нас, нагласил Андоновски.

Дигиталниот самит во Талин се смета за еден од најзначајните настани за дигитализација во Европа. Се одржува секоја година и привлекува околу 600 гости од над 60 земји, вклучувајќи претставници од Европскиот парламент, ЕНИСА, Светската банка, НАТО, ОН и водечки технолошки компании. Самитот опфаќа клучни теми поврзани со дигитализацијата, иновациите и сајбер-безбедноста. Оваа година, настанот вклучува 40 панел дискусии и сесии за размена на идеи и искуства кои ќе го обликуваат дигиталниот развој на иднината.

Министерот Андоновски за време на престојот во Талин се сретнал и со премиерот на Естонија, со министерката за правда и дигитални прашања на Естонија Лииса-Ли Пакоста, министерката на Украина Ионан и со високи претставници на Академијата за е-управување на Естонија и Центарот за компетенции за сајбер безбедност во рамки на оваа реномирана Академија. мд/ац/

Фото: Министерство за дигитална трансформација

Остани поврзан