• петок, 27 декември 2024

Андоновски во посета на штипската Клиничка болница

Андоновски во посета на штипската Клиничка болница

Штип, 22 август 2024 (МИА) –  Заменик министерот за здравство Јовица Андоновски денеска беше во посета на Клиничката болница - Штип, каде констатираше дека состојбата со кадар и апаратура е лоша, а долгот на болницата во моментов изнесува 185 милиони денари. 

Андоновски и новиот директор на Клиничка болница - Штип, Владко Захариев заедно со раководството направија анализа и Стратегија за подобрување на состојбите, меѓу кои приоритет ќе биде ставање во функција на апаратите, кои во моментов не работат, меѓу кои и магнетната резонанца која не е во функција околу три месеци, а поправката чини 1,5 милиони денари.

– Болницата за жал е оставена во многу лоша состојба, гледано од повеќе аспекти како кадарот, така опремата, понатаму и за потребата од нови доктори специјализанти. Направивме сега една стратегија, се договоривме како заеднички да дејствуваме за да може во одредена мера да ги поправиме работите. Почнувајќи од магнетот кој е расипан, а се договоривме и да го формираме ургентниот центар кој ќе се наоѓа кај приемно, вели Андоновски.

Директорот на Клиничка болница-Штип, Захариев истакна дека најголем дел од долгот е кон Трансфузиологија, а долгови има и кон добавувачи на медицинска опрема и лекарства. Дополнително на ова низа апарати во болницата не работат и бараат финансиски средства за да може да се поправат и стават во функција за пациентите.

– 185 милиони денари е долгот, најголеми должници сме кон трансфузиологија околу 45 милиони. Други долгови кон некои јавни претпријатија немаме, другите се кон добавувачи на медицинска опрема и на лекарства. Со апаратурата, магнетната резоранца не работи, компјутерската томографија е со цевка која го поминала бројот на рентген испитувања, подвижниот рентген на Ортопедија не работи, гастроскопот не работи, вели Захариев.

Тој истакна дека претходната недела е направена проценка колку ќе чини поправката на апаратите кои не се во функција. Ќе се работи и на Одделението за физикална терапија, а таму ќе се постави и лифт.

Освен модифицирање на Ургентниот центар и поправка на магнетот, во наредниот период ќе се работи и на достапноста до болница.

– Достапноста што ќе ја подобруваме на болницата, да го оспособиме и другиот влез за Брзата помош и подобрување на патната инфраструктура околу болницата. Наредниот месец ќе асфалтираме за болницата да биде со подобар пристап, изјави Захариев. вдј/ра

Фото: МИА

 

Остани поврзан