• среда, 25 декември 2024

Андоновска за МИА: Погрешни кадровски политики доведоа до поразителни резултати, преферираме да останеме опозиција ако не се согласуваме со генералните политики

Андоновска за МИА: Погрешни кадровски политики доведоа до поразителни резултати, преферираме да останеме опозиција ако не се согласуваме со генералните политики

Скопје, 25 април 2024 (МИА) - Потпретседателката на ГРОМ и носителка во Изборната единица 1 на Коалицијата „Храбро за Македонија“, Добрила Андоновска, во интервју за МИА вели дека нејзин фокус доколку освои пратенички мандат, ќе бидат реформите во здравството, образованието, социјалните реформи. Вели дека во здравството треба да се направат коренити реформи и оти најпрво треба да се почне со човечкиот, кадровскиот капитал што треба да почне уште за време на студии на Медицински факултет...Во однос на тоа со кого би коалицирале, дали со СДСМ или со ВМРО-ДПМНЕ, вели дека преферираат да останат во опозиција доколку не се согласуваат со генералните политики. За предлогот на албанските партии претседателот на државава да се избира во Парламентот со двотретинско мнозинство, вели дека тоа не е добро, затоа што сепак граѓаните сите треба да одлучуваат кој ќе биде претседател на државата, а не партиите. За ставањето на лидерот на ГРОМ Стевчо Јакимовски на црната листа на САД, пак, и како тоа влијаело на членството, вели дека состојбата не е лесна, но тоа повеќе довело до збивање на редовите во партијата.

Како партија и коалиција не поддржуваат уставни измени, како што вели, самото отворање на Уставот е отворање на една Пандорина кутија.

-Желбите очигледно се нижат понатаму како што е желбата за бирање претседател на држава во македонскиот Парламент, а не знаеме што ќе биде следна желба. Категорично не за отворање на Уставот и внесување на Бугарите од причина што тој пакет нема да биде комплетно затворен во однос на нашата нација и во однос на македонскиот јазик. Како партија и како коалиција немаме ништо против Бугарите, немаме ништо против сите што треба да се внесат и другите што треба да се внесат, но тоа да биде во еден пакет. Ние за Европа. Нека седнат нека се договорат тие што треба да се договорат, тоа биде еден затворен пакет. Тогаш не гледаме некој проблем, но не и со овој услов – уцената што е од страна на албанскиот кампус на партии, нагласува Андоновска за МИА.

Во однос на здравството, таа како лекар, вели дека ги детектирале горливите проблеми и слабостите на нашиот здравствен систем, особено за време на Ковид-кризата. 

-Мое лично видување во однос на ковид кризата, основна грешка на тогашните власти на кои сепак им оддавам признание дека вложија максимални напори, меѓутоа основната грешка според мене, ова не е дел од некое партиско видување, туку лично мое како здравствен работник кој поминал 35 години во јавното и во приватното здравство, е тоа што не се успеа да приватното здравство се соедини со јавното здравство. Тоа е основната грешка и тоа недопустлива грешка и од таму ги влечевме сите последици во однос на загубени човечки животи...Ние тогаш фактички одржавме едни два паралелни системи-приватно здравство и јавно здравство. Знаеме до што доведе тоа, луѓето се изложуваа на огромни трошоци, почнувајќи од лабораториите до приватните болници, коишто не најдоа за сходно да бидат во служба на јавното здравство, истакнува Андоновска.

Поради тоа, таа предлага законски измени, бидејќи, како што вели, здравството мора да е едно и единствено. 

-Она што сакам да кажам е дека ние имаме извонредни здравствени работници како доктори, така медицински сестри со високо образование, со вишо образование, севкупниот здравствен кадар. Она што недостасува тоа е добра организација, почитување на една хиерархија и вреднување според квалитетите во однос на образованието, искуството и вештините. Тоа нас ни недостасува. Не може да си дозволиме да нас министрите ни се менуваат секоја година или на шест месеци, или на два месеца. Не може да дозволиме да директорите коишто вообичаено треба да бидат најискусни доктори за да уживаат углед кај вработените и кај пациентите, меѓутоа исто така треба да бидат и добри менаџери да ги менуваме како чорапи на секои шест месеци. Такви случаи имавме, еве ќе споменам, имавме случај на промена на директор на Кардиохирургија каде што ние благодарејќи на тој тим создаден токму од тој професор ние влеговме во историјата на трансплантација на срце не само на Балканот туку и во Европа, еден огромен исчекор. Погрешните кадровски политики се тие што водат до поразителни резултати. Второ и основно е да кога некој проект во здравството ќе биде започнат, некоја инвестиција ќе биде започната, наредниот ја прекинува таа инвестиција или ја прекинува таа идеја или тој пилот проект ако е започнат и почнува од ново. Тоа ни се повторува во сите области на општеството и мислам дека е недозволиво, посочува Андоновска.

Таа вели дека во реформите во здравството би почнала прво со човечкиот и кадровскиот капитал, посочувајќи дека треба да се внимава околу акредитација на медицинските факултети.

-Каде би почнала со реформите во здравството? Би почнала прво, како што реков и на почетокот, со човечкиот капитал, со кадровскиот капитал што треба да почне уште за време на студии на Медицински факултет. Ние имаме во државата повеќе медицински факултети. Мислам дека многу треба да се внимава околу акредитација на кои било факултети, универзитети, особено од областа на медицината. Имаме, како што реков, одличен наставен кадар, меѓутоа не знам колку е максимално искористен во едукација на младите доктори. Деновиве е актуелно, а тоа се провлекува со години, статусот на приватните специјализанти. Тука би го додала јас и статусот на младите лекари коишто се на задолжителен стаж од шест месеци. Иако морам да признам дека тие во времето на министерот Филипче првпат добија месечна надокнада од 26.000 денари зборувам за категоријата на приватни специјализанти, додека стажантите добиваат по некои симболични 15.000 денари, тоа е еден чекор голем напред, меѓутоа тие немаат здравствено осигурување. Не може еден доктор којшто е на приватна специјализација, којшто самиот се финансира да биде здравствено неосигуран, а ги има сите работни обврски по клиниките и другите здравствени установи, специјалните болници и сл. Сега имавме и масовни протести, тие се во фаза на протести каде што 400-ини приватни специјализанти се доведени во таква незгодна ситуација, истакна Андоновска за МИА.

Проблемот го гледа и во партизацијата на здравствените кадри.

- Проблемот е во стонастотната партизација на кадрите. Многу ретко од медицинскиот персонал, поготово докторскиот специјалистички персонал не се инволвирани дури и активно во некои партии и сега вие во овој изминат период имавме раздвојување, цепење на здравственото ткиво на сите три партии дали се на власт или се во опозиција на најголемите партии затоа што истите тие прво вршат масовни вработувања. Знаеме како оди рангирањето на тестирањата коишто се работат тоа е проблем што се провлекува и минатите власти и актуелните власти со тоа што мислам дека малку уште повеќе ги софистицираа методите. Сега во моментот имате 400 приватни специјализанти коишто ние не правиме ништо да ги здржиме овде. Имате 350 доктори кои се пријавени во Агенцијата за вработување, од кои 50 се во Скопје, останатите се низ цела територија – чекаат некој да го реши нивниот проблем, да им даде некоја понуда со која тие би останале во државава, нагласува Андоновска. 

На идниот министер за здравство му порачува да формира непартиски тим, составен од високостручни кадри. 

-Кој и да биде во иднина министер за здравство основно е прво да си формира еден непартиски тим, тим од високостручни кадри практичари. Не мора да се тие теоретичари. Луѓе што секојдневно се среќавале со тие проблеми. Мора нешто да промениме. Недозволиви се овие пропусти што ги имаме после 33 година независна држава, рече Андоновска.

Таа не се согласува со најавата на министерот за надворешни работи Бујар Османи, земјава да излезе од иницијативата Отворен Балкан, пред се, поради миграцијата на медицинскот персонал.

-Апсолутно не, особено во оваа преодна фаза, влезот во Европска унија којшто го очекуваме, се надеваме дека ќе биде кога тогаш што побрзо тоа подобро, да не живееме во некој меѓу простор, меѓутоа е добар освен за економијата – трговска размена, царини итн., побрзо движење, транспорт, апсолутно битен е и за здравството. Зашто да нема циркулација на кадри на дефицитарни кадри. Поентата ми е, барем ќе бидат легализирани, посочува Андоновска.

Додава дека во регионот „шетаат“ доктори, специјалисти од повеќе земји не само од Балканот, туку и од други држави, кои не се лиценцирани кај нас, и и порачува на идната влада да се позанимава со овој проблем. 

Во однос на претстојните парламентарни избори, дали очекуваат влез во Парламентот, со оглед дека сегашниот изборен модел не е поволен за помалите партии, Андоновска смета дека овој модел кој е во корист на големите партии, долго нема да биде променет.

-Апсолутно не е поволен. И тоа им одговара само на поголемите партии. Еве, некои од помалите партии коишто сега имаат свои пратеници изјавија на минатите избори за колку пратеници им се скратени мандатите токму поради тоа што не е една изборна единица. Мислам дека овој модел нема долго време да биде променет затоа што секогаш го диктираат големите партии што не е пред се демократски. Да, очекуваме наши пратеници. Не би сакала да шпекулирам со бројката затоа што ние како партии коишто сме во оваа коалиција не сме големи, меѓутоа имаме голема група на свои поддржувачи и како партии и нашите лидерства и како политиките коишто ги застапуваме наназад со години и ова е можност да се каже како би делувале понатаму. Да, очекуваме, колкав ќе биде бројот зависи од гласачите коишто ќе ни ја дадат довербата. Се надевам дека ќе бидеме значаен фактор да носиме крупни одлуки и да бидеме дел од извршната власт и да одлучуваме. Меѓутоа, не по секоја цена, вели Андоновска.

На прашањето на МИА доколку треба да влезат во коалиција, дали попрво би влегле со СДСМ или со ВМРО-ДПМНЕ, вели дека со сите оние коишто нема да поддржат уставни измени на начин како што се дадени во моментов.

-Ако има некои модификации да се исполни тоа што го бараме да се затвори комплетниот пакет тогаш би влегле, меѓутоа преферираме да останеме опозиција ако не се согласуваме со генералните политики, нагласува Андоновска.

За предлогот на албанските партии претседателот на државава да се избира во Парламентот со двотретинско мнозинство, вели дека тоа не е добро, затоа што сепак граѓаните сите треба да одлучуваат кој ќе биде претседател на државата, а не партиите. 

За ставањето на лидерот на ГРОМ Стевчо Јакимовски на црната листа на САД, и како тоа влијаело на членството, вели дека состојбата не е лесна, но тоа повеќе довело до збивање на редовите во партијата.

-Па она што беше интересно да уште повеќе ни ги збие редовите. Не е лесна состојбата. Меѓутоа, кога знаете дека ви е образот чист тие што бевме останавме, поголема поддршка од порано. Црните листи се нешто сосема друго. Тие забрануваат влез во одредена држава, нели други држави ги имаат не само нашиот стратешки партнер и забрануваат деловно работење. Нашиот Устав пред се не дозволува она што сакаа некои политичари да го наметнат во однос на законот – промени, тоа е пред се неуставно. Ако се обрнеме на законите во нашиот стратешки партнер таму знаеме дека кандидатот за претседател Трамп може да биде кандидиран и да се наоѓа во затвор. Значи, нивните закони се сосема поинакви, така што ние си имаме свои закони коишто се исправни и апсолутно не би требало тоа да даде одраз ниту дава одраз на расположението кај граѓаните, истакна Андоновска за МИА. 

Неда Димова Прокиќ

Фото: МИА

Видео: Андреј Бранковиќ и Владимир Рабасовиќ

 

Остани поврзан