• вторник, 26 ноември 2024

Ангeловска-Бежоска − Шукова: Соработка во делот на зелената транзиција и справување со климатските промени

Ангeловска-Бежоска − Шукова: Соработка во делот на зелената транзиција и справување со климатските промени

Скопје, 25 јануари 2024 (МИА) - Народната банка и Министерството за животна средина и просторно планирање ќе разменуваат релевантни информации и податоци за изработка на калитетни анализи и политики. Ова е договорено на средбата меѓу гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и министерката за животна средина Каја Шукова. 

- Ефектите од климатските промени ги засегаат сите општествени сфери, вклучително и финансиите, поради што сѐ поголем број централни банки во својот мандат ги вклучуваат активностите за справување со климатските промени и поддршка на зелената транзиција, се наведува во денешното соопштение од Народната банка.

На средбата, гувернерката истакнала дека Народната банка во целост го препознава значењето на климатските ризици, како за економијата во целост, така и за финансискиот систем и дека во рамки на своите надлежности, изминатите неколку години редовно презема мерки.

- Неодамна го донесовме првиот Среднорочен план на активностите на Народната банка во доменот на управувањето со климатските ризици. За зајакнување на отпорноста на банкарскиот систем на климатските ризици, воспоставивме статистика за зелено финансирање и усвоивме Насоки за банките за начинот на управување со ризиците поврзани со климатските промени. Исто така, ги направивме и ги објавивме првите анализи за изложеноста на банкарскиот систем на физичките и транзициските ризици поврзани со климатските промени, коишто се темелат на тековно расположливите податоци во овој домен, посочила гувернерката.

Министерката Шукова истакнала дека во идните активности на Министерството ќе се продолжи со развивање на меѓуинституционалната соработка и со поддршката на активностите за донесување критериуми за одржливо и зелено финансирање, како и со размената на податоци и информации.

На средбата било истакнато значењето на располагањето со квалитетни податоци за изработка на анализи за потенцијалните ефекти од климатските промени врз економијата и финансискиот систем, за што е потребна меѓуинституционална соработка со надлежните институции како Министерството за животна средина и просторно планирање. бак/лв/

Фото: Народна банка

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан