• среда, 25 декември 2024

Ангов: Одговорноста за нефункционирањето на Хидросистемот за полнење на Дојранското Езеро е во МЖСПП, а не во Oпштина Дојран

Ангов: Одговорноста за нефункционирањето на Хидросистемот за полнење на Дојранското Езеро е во МЖСПП, а не во Oпштина Дојран

Дојран, 25 октомври 2024 (МИА) - Одговорноста за нефункционирањето на Хидросистемот за полнење на Дојранското Езеро е во Министерството за животна средина, а не во Општина Дојран. Министерството за животна средина е надлежно и одговорно за управување, финансирање и функционирање на овој хидросистем, објави денеска на својот фејсбук профил градоначалникот на Дојран, Анго Ангов, по повод објави, пишувања и загриженост од страна граѓани за намалувањето на нивото на водата Езерото.

Во неговата објава се додава дека Општина Дојран во повеќе наврати има испраќано барања во кои се наведува итноста за пуштање во употреба на Хидросистемот „Ѓавато“.

-Се одржаа и неколку состаноци на кои се утврди дека е прво потребна реконструкција, па пуштање на истиот во функција, а за сето ова беше потребно да се обезбедат средства со ребалансот на Министерството за животна средина, но со ребалансот во август месец оваа година истото не беше направено. Поради тоа, подготвена е и информација до Владата со која очекуваме да наидеме на разбирање и во најбрз можен рок да се стави точка на дневен ред и по истата да се донесе одлука со која ќе се наложи на Министерството за животна средина да се алоцираат средства за реконструкција и пуштање на хидросистемот во употреба, наведува Ангов.

Заради тоа, тој повикува на почнување најголема кампања досега за Дојран, за езерото, без политики и поделби, туку заедно и сплотени да се постигне целта да се стави хидросистемот во функција и затоа на 9-ти идниот месец ги поканува сите на голема еколошка акција за расчистување на крајбрежието и почеток на заедничка борба за спас на Дојранското Езеро.

Инаку, според денешните мерења на УХМР нивото на водата во Дојранското Езеро е 76 сантиметри под договорениот минимум. рт/сст/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан