• недела, 24 ноември 2024

Ангелов: Комисијата за брани ја потврди опасноста од одрон на карпата над Матка

Ангелов: Комисијата за брани ја потврди опасноста од одрон на карпата над Матка
Скопје, 31 јануари 2022 (МИА) - Стручното мислење на Комисијата за брани за карпата над браната Матка, тешка околу 20 тони, е дека постои опасност од нејзино одронување, затоа се препорачува изработка на проектна програма, како и техничка документација за санација на карпата, соопшти денеска директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов. Тој им препорачува на планинарите и алпинистите да го избегнуваат тој терен, а можно е да биде донесена и забрана за движење во тој дел. Комисијата за брани, составена од проф. д-р Љупчо Петковски, проф. д-р Зекирија Идризи, проф. д-р Милорад Јовановски, проф. д-р Рагип Хадри, проф. д-р Сретко Цветковски, проф. д-р Грозде Алексовски и доц. д-р Златко Илиовски, потенцира дека е невозможно да се предвиди кога би се случил тој одрон. - Прогнозата кога би се случил тој одрон е исто така тешка, како да се предвиди земјотрес. Оваа карпа може да остане во ваква состојба уште 100 години, но поголема е веројатноста да падне во следниот период, изјави директорот на ЦУК. За решавање на овој проблем, потребно е да се извршат анализи на стабилноста и за траекториите на одронетите блокови. - Еден од проблемите е што овој блок на карпа кој тежи околу 20 тони, лежи врз друг блок. Се поставува прашањето, дали при неговото одронување, односно лизгање, би паднал само тој или заедно со него би паднал и дел од подлогата, што може повеќекратно да ја зголеми тежината и волуменот на карпата. Затоа е потребно да се направат овие анализи, особено анализи на траекториите на откинатите парчиња блокови од карпи, рече Ангелов. Тој напомена дека вакви анализи редовно се практикуваат од Катедрата за геотехника на Градежниот факултет, а како пример го поосчи пристапниот пат за браната „Света Петка“. - Токму затоа, во текот на денов ќе одржам работна средба со деканот на Градежниот факултет, соопшти директорот на ЦУК. Ангелов потенцира дека се потребни анализи на траекториите поради што е потребна сминка на топографија на теренот, се со цел колку е можно приближно да се предвиди во која насока би се движел блокот при евентуално паѓање, како и анализа на јакоста на смолкнување на материјалот. - Заштитата од овој проблем е можна на неколку начини. За да биде соодветна потребно е некое оптимално техничко решение. Варијантата со рушење на блокот со минирање, е ризична од аспект на траекториите на блоковите и може да влијае врз објектите на самата брана. Техничкото решение е тешко да се изведе, и во принцип може да се изврши од специјализирани екипи и компании со алпинистички техники, како што се применувани за браната Света Петка како и при санација на одронот Велес – Градско, информира Ангелов, кој додаде дека Комисијата за брани препорачува да се направи проектна програма по која би се работело. Тој потенцира дека безбедноста на граѓаните за ЦУК е најважна и затоа се разгледува можноста од забрана за движење на местата кои се ризични за пешаци. - Со оглед дека самото место каде што би паднала карпата е непристапно и на него можат да се движат исклучиво планинари или алпинисти, ние упатуваме апел до нив да бидат внимателни на овој потег. Алпинистите немаат влијание на карпата, која е во нестабилна положба. Алпинистичката патека води под самата карпа и тие немаат допир со неа. Ризикот од паѓањето на карпата е за браната, но и за алпинистите кои би се нашле на тоа место, рече Ангелов. На работниот состанок, покрај изработка на проектна програма, да се изработи комплетна техничка документација за санација на оваа карпа. - Една од можностите е карпата да биде зацврстена на самото место со специјални техники, значи да се усидри таму каде што се наоѓа, а втората е нејзино контролирано рушење, вели директорот на ЦУК. Ангелов потсети дека на 20 јануари добиле известување од ЕВН за опасноста од карпата на висина од 100 метри, која се наоѓа над самиот ѕид на браната Матка и оттогаш ЦУК ги презема сите мерки за да се реши проблемот. ир/сп/

Остани поврзан