• вторник, 19 ноември 2024

Ангелов: Законот за бранители поднесен од пратеничката Петровска е политички маневар

Ангелов: Законот за бранители поднесен од пратеничката Петровска е политички маневар

Скопје, 24 септември 2024 (МИА) - Претседателот на „Достоинство“, Стојанче Ангелов, оцени дека Предлог законот за бранители поднесен од пратеничката од СДСМ Славјанка Петровска, е неприменлив и е политички маневар за дневно - политички цели.    

- Законот е злоупотребен, маката на семејствата на загинатите бранители, кои до ден - денес не се обесштетени, маката на воените инвалиди кои до ден - денес не се обесштетени, се ставени во дневна политика, нешто што досега се избегнуваше од страна на претходната опозиција, а сегашната власт - ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи кога оваа иницијатива влезе во собраниска процедура минатата година ВМРО-ДПМНЕ не ја експлоатираше како дневна тема, рече Ангелов во Тема на денот на Сител телевизија, одговарајќи на прашањето како дојде 23 години по конфликтот од 2001-вата Законот за правата на бранителите да биде причина за иднината на владината коалиција. 

Тој појасни дека со законските решенија за кои тие се залагаат, примарна цел е праведно обесштетување на 15-тина се уште не обесштетени семејства на загинати бранители и 10-тина воени инвалиди. Втораа цел, подвлече, се сите бранители, бидејќи сите македонски бранители кои ја бранеа татковината во 2001 година, имаат право на неколку макар и симболични права со кои државата ќе даде признание за тоа што го напрвиле и третиот момент е можното одликување од страна на претседателот на државата и врховен командант, кое беше најавувано во предизборната кампања.

Во однос на подготовката на Предлог текстот на законот лани, што беше поднесен на иницијатива на „Достоинство“, за кој пратеничката од СДСМ Славјанка Петровска изјави дека бил изготвен во нејзиниот Кабинет додека била на функцијата министерка за одбрана во координација со Ангелов, претседателот на „Достоинство“ изјави дека тоа тврдење не е точно, посочувајќи дека таа била информирана и давала поддршка, но оти законот е подготвен од „Достоинство“.

- Овој закон (кој сега е поднесен од нејзина страна) во суштина ги содржи елементите на законот од 2008 година бидејќи се работи за стар проблем, обесштетеување на необесштететни воени инвалиди. Да, таа беше запознаена и даваше поддршка, но начинот на кој што излезе со овој нејзин предлог во наводници за бранителите во кој има се само нема бранители. Затоа што во јавноста постои една забуна и се мисли дека во овој предлог се опфатени првата на бранителите. Во верзијата која ја предлозжи пратеничката Петровска ние ги имаме необесштетените семејства кои што и јас барав да бидат обесштететени, и неколку воени инвалиди. И покрај тоа таа невешто овде ги ставила и загинатите од двете хеликоптерски несреќи - армиската кај Катлановско Блаце, полициската кај Струмица, авионската несреќа од 2004-та кај Мостар во која загина претседателот Борис Трајковски, Диво насеље и една општа клаузула, сите загинати припадници на безбедносните сили од 1991-ва до денес. За почеток таа треба да знае дека Уставот не препознава безбедносни сили, во Уставот постојат вооружени сили, вели Ангелов. 

Според него, доколку била искрена во намерите најдобро би било таа да го предложела истиот закон кој остана заглавен во собраниска процедура уште во преходниот парламентарен состав, оти со сегашниот предлог таа создала проблем каде го нема, бидејќи загинатите од Диво насеље, посочи, веќе биле обесштетени. Како недостаток на предлогот на Петровска, тој го посочи и тоа што тој е неспроведлив, бидејќи дефиницијата на припадници на вооружени сили во член 2 од Предлог законот ги исклучува загинатите во хеликоптерските и во авионската несреќа.

Тој го оцени како добар предлогот на пратеничката Марија Митева од ВМРО-ДПМНЕ, која ги повика пратениците од СДСМ кои се членови на Комисијата за социјална политика, демографија и млади, да се потпишат на барањето до претседателката на таа Комисија, Илире Даути од Европскиот фронт, да го стави Законот за бранителите на дневен ред.

Ангелов смета дека решение не е да се побара повлекување на овој предлог закон, и да поднесат нов, бидејќи, вели, тоа може да биде протоколкувано погрешно, туку смета дека треба да се остави и покрај недостаоците и доколку помине комисиски филтер да се интервенира за негово подобрување.

Претседателот на „Достоинство“ изрази осуда за, како што рече, острите изјави на потпретседателот и министер за екологија Изет Меџити против законот за бранителите. Тој кажа оти смета дека Меџити ја лаже јавноста со изјавата дека имало договор во владината коалиција ова законско решение да останело блокирано.

-Мислам дека ја лаже, јас внимателно го слушав денес премиерот. Од премиерот имаме искрена поодршка, времето ќе го покаже тоа, вели претседателот на „Достоинство“, Стојанче Ангелов.

Пратеничката Петровска денеска изјави дека Предлог-законот што таа го поднесе во Собранието е со поширок обем отколку оној поднесен од Стојанче Ангелов од „Достоинство“.

- Тогаш предложениот предлог-закон поднесен на иницијатива на Достоинство, беше изготвен во мојот Кабинет како министерка за одбрана во координација со Стојанче Ангелов. Заради одлуката на Ангелов да направи предизборна коалиција со ВМРО –ДПМНЕ, тој Предлог-законот го поднесе како сопствена иницијатива, а не како предлог на Владата. Дури и тогаш тој Предлог-закон беше поддржан од СДСМ, рече таа. вг/цр

Фото: МИА Архива 

 

 

 

 

  

 

 

Остани поврзан