• четврток, 26 декември 2024

Ангелов: Во сите образовни системи во регионот постојат стереотипи за соседите

Ангелов: Во сите образовни системи во регионот постојат стереотипи за соседите
Скопје, 23 ноември 2022 (МИА) - Многу е важно сите да го признаеме фактот дека постојат стереотипи за нашите соседи во рамки на сите образовни системи во регионот. Затоа нема подобар начин еден човек да се развива од тоа да студира во една мултикултурна средина и да го разменува она што го научил со своите другари и колеги. На овој начин учиме што е животот. Ова го порача амбасадорот на Бугарија во земјава Ангел Ангелов, во своето поздравно обраќање на почетокот на конференцијата „Младите и соработка во образованието”, која е дел од проектот: „Демистифицирање на (не)соседските односи на патот кон ЕУ: Случајот на Северна Македонија и Бугарија“, што го спроведува Центарот за европски стратегии Евротинк – Скопје. Тој нагласи дека е голема вредноста за двете општества на јавноста да и бидат презентирани позитивните примери на актуелната соработка меѓу Софија и Скопје, особено во контекст на подобрата динамика на нашите односи, а во однос на усвоениот француски предлог. - Билатералната соработка во образованието е главен приоритет за Бугарија, од самата независност на Северна Македонија. Еден од скорешните докази за ова е новата Програма за соработка во областа на образованието која беше потпишана од министрите на 22 март оваа година, која ќе им овозможи на студентите од двете земји да студираат бесплатно на јавните институции и универзитети. Ова е резултат на нашето споделено разбирање дека само ако го разбиеме тој вештачки ѕид, кој постои помеѓу нашите општества ќе им овозможиме на нашите граѓани поголеми можности во регионот, вели амбасадорот Ангелов. Тој потсети дека во март годинава беа потпишани меморандуми за соработка помеѓу националните агенции за Еразмус плус и за Европскиот фонд за солидарност, а во моментов во процес на отворање е огранок на бугарскиот Славјанскиот универзитет во земјава, како и соработка со Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” од Велико Трново, иницијативи кои, според него, ќе им овозможат на студентите од земјава да добијат широко признаени европски дипломи од бугарските универзитети. Советникот при Канадската амбасада во Белград, Дејвид Норман, истакна дека ова е трет проект на Евротинк, кој финансиски го поддржува Амбасадата преку Канадскиот фонд за локални иницијативи и изрази особено задоволство што тој се однесува на младите, а произлегува од уверувањето на Канада дека преку билатералните односи кои ќе се развиваат во иднината, може многу да се постигне во односите меѓу двата соседа. Извршниот директор на ЕВРОТИНК - Центар за европски стратегии, Димитар Николовски, појасни дека ова е само почетен настан од проектот „Демистифицирање на (не)соседските односи на патот кон ЕУ: Случајот на Северна Македонија и Бугарија“, кој е дел од нивната програма за регионална соработка и добрососедски односи. - Целта на проектот е идентификација на дезинформациите кои постојат во македонскиот јавен простор во однос на релациите на двете држави и особено на самиот процес на пристапување кон ЕУ, да се спротивставиме на штетните и на антиевропските наративи кои произлегуваат од овие односи, што е всушност и главната мисија на Евротинк, а тоа е европеизација на македонското општество, додаде Николовски. Од проектот треба да произлезат мониторинг на почетокот на пристапните преговорите со ЕУ, осум анализи за овие односи изработени од видни интелектуалци и активисти од земјава и неколку афирмативни акции со фокус на позитивните аспекти на соработката меѓу двете држави, како што е соработката на младите, во образованието, пред се, преку европските програми за соработка. вг/сп/

Остани поврзан