• среда, 18 декември 2024

Ангеловска-Бежоска: Носење проактивни економски политики за поголема отпорност на идните предизвици

Ангеловска-Бежоска: Носење проактивни економски политики за поголема отпорност на идните предизвици

Скопје, 7 декември 2024 (МИА) - Иако успешно поминавме низ голема економска бура, сѐ уште се соочуваме со променливи светски услови, поради што е потребна постојана будност и приспособливост“, посочува гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска во авторски текст во престижниот српски неделник „НИН“.

Во текстот гувернерката ја анализира последната инфлациска криза и одговорот на централните банки, којшто овозможи стабилизација без притоа економиите да западнат во рецесија, или, пак, да има последици за финансиската стабилност. Ангеловска-Бежоска посочува дека со оглед на значителното намалување на инфлацијата, централните банки започнаа со циклусот на олабавување на монетарната политика. Притоа, таа ја нагласува потребата за проактивни економски политики коишто можат брзо и ефективно да се справат со сложените предизвици коишто може повторно да се појават во иднина.

Како што пренесува прес-службата на централната банка, гувернерката посочува дека и покрај смирувањето на инфлацијата, сепак и понатаму има предизвици поврзани со поголемата инерција кај нејзината базична компонента. Таа наведува дека базичната инфлација во регионот од 5 проценти, иако е преполовена во однос на нејзината највисока вредност во кризата, сепак е поотпорна во однос на вкупната инфлација којашто е намалена за 80 проценти.

- Оваа упорност е во голема мера нагласена со динамиката на растот на платите, којашто во просек изнесува 12 проценти номинално и 8 проценти во реални услови, со што се истакнува можната улога на политиките за платите во одржувањето на овие ценовни притисоци, посочува гувернерката.

Во однос на останатите политики, таа истакнува дека при минатите кризи фискалниот одговор ги поддржа економиите, но таа поддршка имаше цена, исцрпувајќи го фискалниот простор и зголемувајќи ги дефицитите и јавниот долг.

- Оттука, задржувањето на определбата за фискална консолидација ќе биде од суштинско значење во наредниот период, не само за да се обезбеди фискална одржливост, туку и за да се обезбеди неопходната поддршка за монетарната политика, посочува Ангеловска-Бежоска.

Во текстот се истакнува дека структурните фактори како што се деглобализацијата, стареењето на населението и климатските промени, заедно со технолошкиот напредок како вештачката интелигенција и натаму ќе влијаат врз потенцијалот за раст. За да се приспособиме кон нив ќе биде потребен проактивен пристап преку структурните реформи, овозможувајќи им на економиите да бидат отпорни на можните нарушувања во снабдувањето и да ги ублажат инфлациските притисоци на подолг рок.лв/

фото: Народна банка 

Остани поврзан