• недела, 24 ноември 2024

Ангеловска-Бежоска: Истрајноста на политиките е од суштинско значење за стабилизирање на инфлацијата

Ангеловска-Бежоска: Истрајноста на политиките е од суштинско значење за стабилизирање на инфлацијата

Скопје, 30 мај 2023 (МИА) - Без никакво сомневање, приоритет на централните банки е стабилизирање на  инфлацијата, за што и натаму треба да се водат внимателни макроекономски политики, оценила гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска на панел-дискусијата што во рамки на Самитот на гувернери, министри за финансии и директори на даночните управи се одржува во Црна Гора.

Гувернерката посочила дека од историска перспектива во справувањето со оваа инфлациска епизода, во светски рамки, сведочиме за едно од најсинхронизираните затегнувања на монетарната политика во изминатиот половина век, при што реакцијата на централните банки била двојно посилна во однос на историскиот просек.

- Ова е карактеристично и за земјите од регионот, коишто реагираа преку различни инструменти во зависност од монетарната стратегија и инструментариумот којшто го имаат на располагање. Како резултат на реакциите на централните банки, и при пад на цените на примарните производи вкупната инфлација значително забавува и од нејзиниот максимум од 14,3 проценти во 2022 година се сведува на околу 10 проценти според последните податоци од април годинава, иако базичната инфлација покажува поизразена инерција. Овој тренд се бележи и во македонската економија, истакнала Ангеловска-Бежоска.

Во однос на идните инфлациски движења во економиите во регионот, таа посочила дека тие ќе бидат условени од неколку битни фактори. Првиот е трајноста и големината на надворешните шокови, односно поместувањата на пазарите на примарните производи, врз коишто не може да се влијае. Важен фактор ќе биде и степенот на чувствителност на економиите во регионот на надворешните шокови, што, пак, зависи од структурните карактеристики и преземените структурни реформи за ублажување на ранливоста. Од исклучителна важност за натамошно одржливо намалување на стапката на инфлација, според гувернерката, ќе биде водењето претпазливи макроекономски политики и нивната добра координација. 

На панел-дискусијата „Одржување на стабилноста на цените и банкарскиот систем во неизвесни времиња“, покрај гувернерката, учествувале и гувернерите на Црна Гора, Хрватска, Босна и Херцеговина, Косово и вицегувернерите на Албанија, Словенија и Србија. бак/ац/

Фото: Народна банка

Остани поврзан