• четврток, 26 декември 2024

Ангеловска-Бежоска: Народната банка е посветена на одржувањето на ценовната стабилност

Ангеловска-Бежоска: Народната банка е посветена на одржувањето на ценовната стабилност

Скопје, 17 јуни 2024 (МИА) - Народната банка е посветена на одржувањето на ценовната стабилност, како важен предуслов за раст на економијата, порача гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска на 11. Регионален самит на гувернери, министри за финансии и директори на даночната администрација, „Финансиската стабилност во услови на слаб економски раст во еврозоната“, што се одржа во Бечиќи, Црна Гора.

Како што посочи, кризите во изминатите неколку години, како пандемијата, енергетската криза и геополитичките тензии претставуваа вистински тест за централните банки. Овие кризи предизвикаа силна инфлациска промена во светски рамки, невидена во изминатите триесетина години. 

-Економиите со стратегија на стабилен курс на домашната валута, како нашата, се справуваа и со големи притисоци за задржување на стабилноста на домашната валута. Сепак, од крајот на 2022 година се забележуваат поповолни трендови и кај инфлацијата, и на девизниот пазар. Така, просечната инфлација во регионот на Западен Балкан од 16 отсто во октомври 2022 година во првиот квартал оваа година е намалена на околу 3,5 отсто. Исто и кај нас дојде до позначително забавување на  инфлациски трендови, а стабилноста на девизниот курс беше задржана, при што нивото на девизните резерви беше зголемено за 40 отсто во споредба со претпандемичниот период. Сепак, потребна е внимателност, рече Ангеловска-Бежоска. 

Гувернерката учествуваше на панел-дискусијата „Одржување на стабилноста на цените и на банкарскиот систем во неизвесни времиња“, заедно со гувернерите на Црна Гора, Ирена Радовиќ, на БиХ, Јасмина Селимовиќ, на Косово, Ахмет Исмаили, вицегувернерите на српската, хрватската и албанската централна банка, Жељко Јовиќ, Мајкл Фауленд и Лулета Минџози, како и Петар Јовиќ, претседател на Извршниот одбор на „АИК банка“.

Од Народната банка истакнуваат дека според среднорочните проекции на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) се очекува инфлацијата во глобални рамки и во регионот на Западен Балкан, вклучително и кај нас, и натаму да се намалува, но малку побавно во споредба со претходно. За оваа година, ММФ  предвидува дека просечната инфлацијата на Западен Балкан ќе забави сведувајќи се на 3,8 отсто, а за наредната година на 2,7 проценти. Сепак, иако се намалени, ризиците се уште постојат и затоа е потребно натамошно внимателно следење на динамиката и факторите кај инфлацијата и претпазливост во однос на водењето на макроекономските политики.вј/лв/

Фото: Народна банка

Остани поврзан