• среда, 27 ноември 2024

Ангеловска-Бежоска: Денарот е стабилен со децении, тоа е најповолната монетарна стратегија за нашата економија

Ангеловска-Бежоска: Денарот е стабилен со децении, тоа е најповолната монетарна стратегија за нашата економија

Скопје, 13 октомври 2022 (МИА) - Стабилноста на денарот успешно се одржува и за време на тековната економска криза, што се должи на соодветното ниво на девизни резерви со кое располагаме, но и капацитетите на централната банка успешно да го одбрани курсот. Денарот со децении е стабилен во однос на еврото, валутата на нашиот најзначаен трговски партнер. Ова е најповолната монетарна стратегија за нашата економија, вели гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, која учествува на Годишните средби на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка во Вашингтон.

- Ние две и пол децении одржуваме стабилен денар, што јасно покажува дека централната банка има и капацитет, но и соодветни инструменти за одбрана на курсот на денарот. Во поддршка на ова, фокусот треба да се стави на нивото на девизни резерви, коишто се клучниот инструмент којшто служи како гаранција за одржување на стабилноста на курсот. Тие се одржуваат на високо ниво - во споредба со глобалната финансиска криза 2008-2009 година тие се двојно повисоки, а повисоки се и во однос на претпандемискиот период. Дополнително имаме на располагање и ликвидност од страна на Европската централна банка (ЕЦБ) во вид на репо-линија којашто ни е ставена на располагање и досега не е искористена, но може да се искористи доколку имаме потреба за тоа, вели гувернерката во интервју со „Гласот на Америка“ .

Зборувајќи за трендот на апрецијација на американскиот долар, кој започна кон крајот на минатата, а забрза годинава, гувернерката посочува дека има повеќе причини за тоа.

- Попогодени од овие трендови би биле оние економии, коишто се нето-должници во долари, односно имаат поголеми обврски отколку побарувања во долари. Тоа не е случај со македонската економија, бидејќи кај нас учеството на доларите во вкупниот надворешен долг на нашата економија е само околу 8% и тоа е главно кај јавниот сектор. Учеството на доларот во вкупната надворешна трговија, извозот и увозот, исто така е релативно помало, некаде околу 8-9 проценти, додека останатата трговија е во евра, каде постои долгогодишна стабилност кај соодносот денар-евро и оттука тоа не се одразува на тој дел од трговијата, појаснува Ангеловска-Бежоска.

Во однос на поизразените надолни ризици за глобалната економија и влијанието врз нашата економија, гувернерката вели дека особено ќе биде важно како со овие шокови ќе се справи Европската Унија, како наш најголем трговски партнер, а која е многу ранлива на енергетската криза.

Новите макроекономски проекции на Народната банка, како што посочува Ангеловска-Бежоска, треба да финализираат следниот месец. бак/дма/

Остани поврзан