• недела, 24 ноември 2024

Ангажирани образовни асистенти за помош на децата со полесна попреченост во средните училишта во Охрид

Ангажирани образовни асистенти за помош на децата со полесна попреченост во средните училишта во Охрид
Охрид, 2 септември 2022 (МИА) - Десет образовни асистенти се ангажирани во средните училишта во Охрид во рамките на проектот „Отворени можности за еднакво образование за сите деца“, кој ќе се реализира во текот на целата учебна година. Асистентите кои ќе даваат дополнителна помош на децата со полесна попреченост од школска возраст, за поефикасно спроведување на воспитно образовниот процес денеска ги поздрави градоначалникот Кирил Пецаков. Целта на проектот, според градоначалникот, е поефикасно спроведување на воспитно образовниот процес на децата со полесна попреченост од школска возраст. - Со програмата се ангажираат соодветни стручни лица, образовни асистенти, со што ќе се овозможи дополнителна помош во совладување на наставата. Нашата цел е да се подобри квалитетот на живот посебно на децата со полесна попреченост кои имаат потешкотии во совладување на редовната настава, со тоа ќе им биде олеснета работата како на наставниците така и на родителите, истакна Пецаков. Образовните асистенти, појасни, ќе работат пола работно време, секој ден, во согласност со наставната програма и во соработка со стручната служба во училиштата, како и со координаторот од Општина Охрид. Во средните училишта „Климент Охридски“ и „Кирил и Методиј“ ќе има по еден образвоен асистент и по четворица во „Ванчо Питошески“ и „Наум Охридски“. сс/дма/

Остани поврзан