• среда, 25 декември 2024

Анастасов за помодерeн, урбан Пробиштип вети нови 100 проекти

Анастасов за помодерeн, урбан Пробиштип вети нови 100 проекти
Штип, 6 октомври 2021 (МИА) - Решавање на најжешката еколошка точка, јаловишната депонија на влезот на Пробиштип, а на нејзино место изградба на најголемата фотоволтаична централа до 2023 година е еден од најголемите приоритети во Програмата на кандидатот за градоначалник на СДСМ за Општина Пробиштип, Драган Анастасов-Ладич, кој вечерва од централниот митинг порача дека претсојат четири години за реализирање на стотина проекти. Порача дека за развојот на туризмот на Пониква, веќе има урбанистички план, како и парцели за викенд куќи, но и за комерцијални објекти. Но, за развој на туризмот посочи дека е потребена патна инфраструктура, а тоа е изградба на патниот правец Пробиштип – Злетово – Турско Рудари – Јамиште – до Спортско рекреативниот центар Пониква. Во неговата програма за Пробиштип се и субвенционираната реконструкција на колективните згради за домување во општината со нови енергетски ефикасни фасади и кровови по принципот 70 проценти општината и 30 отсто станарите. Уредувањето на просторот помеѓу улиците „Никола Карев“, „11 Октомври“ и „Јоаким Крчовски“ со паркинг простор за 70 возила, како и изградба на детски градинки во секоја населба. - Не беше лесен патот којшто го изодевме овие години кога целиот свет е блокиран од пандемијата со Ковид-19. Работевме, инвестиравме и помагавме на секој еден од Вас, за да може денес спокојно да разговараме за проекти за кои имаме можност да ги работиме со сопствени средства и за проекти за кои веќе сме во преговори за обезбедување на директни грантови и донации за нивна реализација. Покажавме дека знаеме, покажавме дека можеме! Вративме 120 милиони денари наследен долг во општината, а инвестиравме во проекти повеќе од 800 милиони денари од донации за четири години, рече Анастасов. Порача дека Пробиштип ќе се гради како урбана, модерна општина и уште поубаво место за живеење. Носителот на листата за советници на СДСМ и коалиционите партнери Оливер Андовски порача дека тимот со кој ќе победат во Општина Пробиштип е составен од млади луѓе, професионалци во своите области, колаж од професии и енергија и силна мотивираност за уште повеќе успеси во наредните четири години. Тој нагласи дека тимот заедно со старо-новиот градоначалник Драган Анастасов – Ладич има визија, план и програма, со која ќе придонесе во растењето на Пробиштип во една урбана, модерна и уште поубава општина за живеење.  Андовски најави низа инвестиции во спортот и спортските објекти во Општина Пробиштип, како нова тартан патека, реконструкција на градскиот стадион, за да се врати сјајот на фудбалскиот бисер на општината, ФК „Рудар“. - Од понеделник започнуваат да функционираат сите младински и детски фудбалски школи, во сите категории, под капата на ФК „Рудар“, финансирани од Општина Пробиштип. Родителите веќе нема да плаќаат партиципација, а тренерите и соодветните натпреварувања ќе бидат целосно финансиски покриени од Општината, најави носителот на листата за Советот на Општина Пробиштип на СДСМ и на Коалицијата, Оливер Андовски. вдј/мс/

Остани поврзан