• четврток, 26 декември 2024

Анализа: Од 1 150 пресуди на ЕСЧП за земјите од Западен Балкан, 185 се против Северна Македонија

Анализа: Од 1 150 пресуди на ЕСЧП за земјите од Западен Балкан, 185 се против Северна Македонија
Скопје, 7 јули 2022 (МИА) - Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) од почетокот на работата до крајот на 2021 година има донесено 1 150 пресуди во врска со земјите од Западен Балкан, од кои 185 се против Северна Македонија, покажува анализата на судската пракса на ЕСЧП во однос на земјите од Западен Балкан објавена во „Правна хроника“, стручно списание издадено од Високиот судски и обвинителски совет на Босна и Херцеговина и АИРЕ центарот за Западен Балкан. Од почетокот на својата работа до 31 декември 2021 година, ЕСЧП има донесено вкупно 86 пресуди во случаи против Албанија, 105 пресуди против Босна и Херцеговина, 474 пресуди против Хрватска, 185 пресуди против Северна Македонија, 68 пресуди против Црна Гора и 232 пресуди против Србија, се вели во анализата. Според анализата најголем дел од пресудите се однесуваат на забрана за тортура и нечовечко и понижувачко постапување, каде што Судот одлучуваше за случаи поврзани со повреда на процесните аспекти од член 3. Судот наведува дека поведувањето прекршочна постапка и погрешното суспендирање на кривичната постапките од формални причини претставуваат повреда на процесните обврски на државата врз основа на член 3. Кога станува збор за правото на правично судење, се забележуваат и неколку важни пресуди и прашања поврзани со Западен Балкан. - Подносителите конкретно се жалеа на недоволното време за подготовка на одбраната, правичноста на судењето, должината на постапката на национално ниво и исполнувањето на условите поврзани со судот формиран врз основа на закон. Тоа особено може да се види преку пресудите Галовиќ против Хрватска, Зличиќ против Србија, Делиќ против Босна и Херцеговина и Џоџај против Албанија, забележува „Правна хроника“. Бројот на нерешени предмети пред Судот на крајот на 2021 година е 70 150, што е зголемување од 13 проценти наспроти 61 500 на крајот на 2020 година. -Ова зголемување од 13 проценти може делумно да се припише на зголемувањето на вкупниот број поднесени претставки. Дополнително, иако има пад на бројот на предмети доделени на комисии, има значително зголемување на бројот на предмети упатени до судии поединци, совети и Големиот судски совет. Кога станува збор за регионот, во 2021 година се издвојуваат неколку пресуди кои претставуваат значаен придонес во практиката на ЕСЧП, се вели во анализата. аа/дма/

Остани поврзан